Апсолутна моќ (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Апсолутна моќ (англиски: Absolute Power) е американски филм од 1997 година, во режија на Клинт Иствуд. Главните улоги ги толкуваат: Клинт Иствуд, Џин Хекман, Ед Харис, Џуди Дејвис, Лора Лини, Е. Г. Маршал, Мелора Хардин и Алисон Иствуд. Во филмот Иствуд ја одглумил една од своите најдобри улоги во 1990-тите, а истовремено ги потврдил своите продуцентски и режисерски вештини. Иако обработува политичка тема, во заднината на дејството се појавува силна човечка димензија која на заплетот му дава убедливост и интригантност. Посебен квалитет се одличните дијалози, напишани од Вилијам Голдман, а во епизодната улога се истакнува Ед Харис во улогата на детективот Френк, кој ја води истрагата за убиството. Иако филмот е заснован врз книгата на Дејвид Балдачи, тој не е буквална екранизација, туку претставува заокружено уметничко дело.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Професионалниот крадец Лутер Витни (го игра Иствуд) е голем љубител на сликарството и секое утро го посетува градскиот музеј. Тој планира да ја ограби празната вила на стариот милионер Волтер Саливан (го игра Маршал), кој е оженет со многу помлада жена, Кристи (ја игра Хардин). Лутер успешно влегува во просторијата со сефот, но наеднаш во спалната соба влегуваат неочекувани гости. Тој се крие во гардеробата и станува сведок на тајната љубовна средба меѓу Кристи и претседателот на САД, Алан Ричмонд (го игра Хекман) чија љубовна игра се претвора во остра садистичка борба. Во еден миг, Кристи го напаѓа претседателот со нож, но ја убива обезбедувањето на претседателот. Во собата доаѓа Глорија Расел (ја игра Дејвис), шефицата на кабинетот на претседателот, која ја мести сцената на начин да изгледа дека станува збор за грабеж и убиство. Меѓутоа, Лутер е сведок на целата таа сцена при што тој го зема ножот на кој се наоѓаат траги од крвта на претседателот. Тајната служба настојува да го фати крадецот, но тој вешто ги избегнува сите замки. Кога тајните агенти ќе се обидат да ја убијат ќерката на Лутер, Кејт (ја игра Лини), тој најпрвин убива еден член на обезбедувањето на претседателот, а потоа му го дава крунскиот доказ на г-н Саливан, кој го посетува претседателот. По таа средба, медиумите соопштуваат дека претседателот извршил самоубиство.[2] [3] [4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. HRT (пристапено на 30.9.2018)
  2. „Апсолутна моќ“, Антена, број 878, 24.4.2015, стр. 27.
  3. „Апсолутна моќ“, Антена, број 893, 7.8.2015, стр. 20.
  4. HRT (пристапено на 30.9.2018)