Анри Динан

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Жан Анри Динан.

Жан Анри Динан (фран. Jean Henri Dunant) (8 мај 182830 октомври 1910), познат како Анри Динан, бил швајцарски бизнисмен и социјален активист. Во 1859 год., за време на деловно патување, бил сведок на последиците од Битката во Солферино, во денешна Италија. Своите сеќавање и искуство ги запишал во книгата Сеќавање на Солферино, која била инспирација за создавање на Меѓународниот комитет на Црвен крст (МКЦК) во 1863 година. Женевската конвенција од 1864 год. е базирана на идеите на Динан. Во 1901 год тој ја добил првата Нобелова награда за мир заедно со Фредерик Паси.

Рани години и образование [уреди]

Динан бил роден во Женева, Швајцарија, како прв син на бизнисменот Жан-Жак Динан и Антоанет Динан-Коладон. Неговото семејство било посветено на калвинизмот и имало значително влијание во женевското општество. Неговите родители ѝ давале голема вредност на социјалната работа. Неговиот татко активно им помагал на сираците и на оние кои условно биле пуштени на слобода, додека пак неговата мајка работела со болните и сиромашните.

Динан растел во периодот на религиозно будење, познат како Преродба, и на 18 години тој се приклучил на Женевското општество за пружење милостина. Наредната година, заедно со свои пријатели, тој ја основал таканаречената ,,Четврточна асоцијација’’, група од млади луѓе кои се состанувале за да ја учат Библијата и да им помагаат на сиромашните, а голем дел од своето време тој поминал и во посети на затворите и социјална работа. На 30 ноември 1852 год. тој го основал женевското претставништво на Асоцијацијата на млади христијани, а по три години учествувал и на Парискиот состанок посветен на основањето на нејзина меѓународна организација.

Во 1849 год., на 21 година, Динан бил принуден да го напушти факултетот Келвин заради лошите оцени и започнал стажирање во банката Лулин е Сотер. По неговото успешно завршување на стажирањето останал да работи во банката.

Алжир [уреди]

Анри Динан околу 1860 год.

Во 1853 год. Динан ги посетил Алжир, Тунис и Сицилија, по должност на компанијата наменета за ,,колониите на Сетиф’’. И покрај краткото искуство што го имал, тој успешно ја извршил својата должност. Инспириран од патувањето, тој ја напишал својата прва книга со наслов ,,Извештај од регенството во Тунис’’(Notice sur la Régence de Tunis), издадена во 1858 год.

Во 1856 год., тој основал бизнис и притоа соработувал со странските колонии. Откако му била доделена концесија за земја од страна на Алжир, кој бил окупиран од Франција, една компанија за одгледување и тргување со пченка ја повикала Компанијата за финансии и индустрија. Сепак, правата за земјата и водата не биле точно означени, а колонијалните власти баш и не соработувале. Како резултат на тоа, Динан одлучил да поднесе жалба директно до францускиот цар Наполеон III, кој во тоа време бил во Ломбардија со својата војска. Франција се борела на страната на Сардинија против Австрија, која имала окупирано голем дел од денешна Италија. Седиштето на Наполеон било смeстено во малиот град Солферино. Динан напишал ласкава книга, полна со величење на Наполеон III, и имал намера да му ја покаже на царот, па тргнал кон Солферино за да се запознае лично со него.

Битката во Солферино [уреди]

Динан пристигнал во Солферино вечерта на 24 јуни 1859 год., на истиот ден кога во близина се случила битка помеѓу двете страни. Триесет и осум илјади биле ранети, некои умирале, а некои веќе мртви останале на бојното поле. Обидот да се обезбеди грижа за сите нив изгледал невозможен. Шокиран, Динан сам ја превзел иницијативата да го организира народот, а особено жените и девојките, да им помогнат на повредените и болните војници. Имале недостаток од материјал и залихи, па Динан самиот организирал купување на потребните материјали и помогнал да се направат импровизирани болници. Тој го убедил населението да му помага на ранетите, без разлика на нивната страна во конфликтот со слоганот "Tutti fratelli" ( Сите сме браќа), измислен од некоја жена која потекнувала од град во близина, наречен Кастиљоне дел Стивере. Исто така, тој успеал и да ги ослободи австриските доктори кои биле заробени од страна на Французите.

Црвен крст [уреди]

Oсновачите на Меѓународниот комитет

По враќањето во Женева, во почетокот на јули, Динан решил да напише книга за неговите искуства, која ја нарекол ,,Сеќавањата на Солферино”. Била објавена во 1862 год., во издание од 1600 копии и била испечатена на сопствен трошок на Динан. Во рамките на книгата тој ја опишал битката, нејзината цена, како и хаотичните услови по нејзиното завршување. Исто така, тој ја развил и идејата дека потребно е во иднина да постои неутрална организација која ќе обезбедува грижа за ранетите војници. Книгата ја дистрибуирал до многу водечки политички и воени фигури во Европа.

Динан започнал и да патува низ Европа за да ги промовира своит идеи. Пошироко, неговата книга била позитивно прифатена, а Претседателот на Женевското општество за јавно богатство, правникот Густав Мојние, овозможил книгата и неговите предлози да бидат тема на состанокот на организацијата одржан на 9 февруари 1863 год. Препораките на Динан биле разгледани и позитивно оценети од страна на членовите. Создале комитет од 5 лица за понатаму да ја продолжат можноста за нивно спроведување, а Динан бил еден од членовите. Другите биле Мојние, швајцарскиот генерал на војската Хенри Дуфор, и докторите Луј Апија и Теодор Мајноар. Нивниот прв состанок, на 17 февруари 1863 год., денес се смета за датум на основањето на Меѓународниот комитет на Црвениот крст.

Од почетокот па натаму, Мојние и Динан имале сè поголеми несогласувања и судири во однос на нивните сопствени визии и планови. Мојниер сметал дека идејата на Динан да основа неутрална заштита за оние кои ќе обезбедуваат нега за ранетите е неверојатна и го советувал Динан да не инсистира за таков концепт. Сепак, Динан продолжил да ја застапува оваа позиција во неговите патувања и разговори со високо рангирани политички и воени фигури. Тоа го засилило личниот конфликт помеѓу Мојние, кој зазел прилично прагматичен пристап кон овој проект, и Динан, кој бил визионерскиот идеалист помеѓу петте члена. Тоа го предизвикало Мојние да направи напори за напад на Динан и да се обиде да го преземе лидерството.

Во октомври 1863 год., 14 земји учествувале на состанокот во Женева, организиран од страна на Комитетот, за дискусија околу подобрувањето на грижата за ранетите војници. Сепак, Динан бил само лидер на протоколот поради напорите на Мојние да ја потцени неговата улога. Една година подоцна, на 22 август 1864 год., дипломатска конференција организирана од страна на швајцарското Собрание, придонела за потпишување на првата Женевска конвенција од страна на 12 земји. Повторно, Динан бил задолжен само околу организирањето на сместување за присутните.

Заборавен период [уреди]

Бизнисот на Динан во Алжир делумно настрадал поради неговата посветеност на хуманистичките идеи. Во април 1867 год., Динан бил скандалозно вмешан во пропаѓањето на финансиската фирма Кредит Генвоа. Тој бил принуден да објави стечај и на 17 август 1868 год. бил осуден од Судот за трговија на Женева за измамничко дејствување при стечаите. Заради нивните вложувања во фирмата, неговото семејство и многу негови пријатели, исто така, биле тешко погодени од пропаѓањето на компанијата. Социјалниот повик во Женева, град со длабоки корени во калвинистичките традиции, исто така, довел до барања за негово отстранување од Меѓународниот комитет. На 25 август 1868 год., тој ја добил позицијата Секретар, а на 8 септември бил целосно отстранет од Комитетот. Мојние, кој станал претседател на Комитетот во 1864 год., одиграл главна улога за неговото исклучување.

Во февруари 1868 год., мајката на Динан умрела. Подоцна, истата година, тој бил избркан и од Асоцијацијата на млади христијани. Во март 1867 год. го напуштил својот роден град, Женева, и не се вратил до крајот на својот живот. Во годините кои следеле, Мојние соодветно го искористил своето влијание и се погрижил Динан да не добие никаква помош или поддршка од своите пријатели. На пример, наградата Златен медал за научни морали на Светскиот саем во Париз не ја добил Динан, како што првично било планирано, туку Мојние, Дуфор и Динан заедно, па парите од наградата во целост отишле кај Комитетот.

Динан се преселил во Париз, каде што живеел во скудни услови. Сепак, продолжил со неговите хуманитарни идеи и планови. За време на Француско-Пруската војна (1870-1871), тој го основал Заедничкото општество за помош, а наскоро потоа Заедничката алијанса за ред и цивилизација. Тој дискутирал за преговори за разоружување и за создавање на меѓународен суд за посредување при меѓународни конфликти. Подоцна работел и на создавање на светска библиотека, идеја која има свое ехо во идни проекти како што е и УНЕСКО.

Во неговото понатамошо работење и застапување на своите идеи, тој продолжил да ја запоставува својата лична ситуација и приходот, и продолжил да паѓа во долгови, а бил избегнуван и од неговите познаници.

И покрај тоа што бил назначен за почесен член на националните општества на Црвениот крст на Австрија, Холандија, Шведска, Прусија и Шпанија, бил речиси заборавен во официјалниот говор на Движењето на Црвен крст, иако тоа се побрзо се ширело во новите земји. Тој живеел во сиромаштија, селејќи се на различни места во периодот помеѓу 1874-1886 год., вклучувајќи ги Штутгарт, Рим, Крф, Базел и Карлсруе. Во Штутгарт го запознал Рудолг Милер, студент на универзитетот Тибинген, со кој станал близок пријател. Во 1881 год., заедно со пријатели од Штутгарт, за прв пат отишол во малото швајцарско село Хајден. Во 1887 год., додека живеел во Лондон, почнал да добива мала финансиска поддршка од некои далечни роднини. Тоа му овозможило да живее малку посигурно, и во јули се преселил во Хајден. Остатокот од животот го поминал таму, а од 30 април 1892 год. живеел во дом за згрижување, со кој управувал д-р Херман Алтер.

Во Хајден ги запознал младиот учител Вилхелм Зондерегер и неговата сопруга Сузана, кои го охрабриле да го евидентира своето животно искуство. Сопругата на Зондерегер основала општинска организација на Црвен крст во Хајден, а во 1890 год. Динан станал нејзин почесен претседател. Динан се надевал дека заедно со Зондерегер и понатаму ќе ги промовира своите идеи, вклучувајѓи и ново издание на неговата книга. Сепак, подоцна нивното пријателство станало спорно заради неоправданите обвинувања на Динан дека Зондерегер, заедно со Мојние, во Женева, на некој начин подготвуваат завера против него. Зондерегер починал во 1904 год. на возраст од само 42 год. И покрај нивното спорно пријателство, Динан бил длабоко погоден од неочекуваната смрт. Восхитот на Вилхелм и Сузана Зондерегер за Динан, и покрај неговите обвинувања, бил пренесен и на нивните деца. Во 1935 год. нивниот син Рене издал збирка од писмата кои Динан му ги пишувал на неговиот татко.

Враќање во јавното сеќавање [уреди]

Споменик на Анри Динан во Хајден, Швајцарија

Во септември 1895 год., Георг Баумбергер, главниот издавач на весникот Остшвајц во Св.Гал, напишал статија за основачот на Црвен крст, со кого се запознал и разговарал за време на прошетка која се случила пред една година. Статијата со наслов ,,Анри Динан, основачот на Црвениот крст”, се појавила во германското списание Убер ланд унд мер, а наскоро била препечатена и во други изданија низ Европа. Статијата имала големо влијание, па тој одново добил внимание и поддршка. Ја добил швајцарската награда Бине-Фендт, како и нота од Папата лав XIII. Благодарение на неговата поддршка од руската царица и вдовица, Марија Феодоровна, како и на други донации, неговата финансиска состојба значително се подобрила.

Во 1897 год., Рудолф Милер, кој тогаш работел како учител во Штутгарт, напишал книга за почетоците на Црвениот крст, притоа менувајќи ја официјалната историја за да ја нагласи улогата на Динан. Во книгата, исто така, се наоѓал и текстот ,,Сеќавање на Солферино”. Динан започнал и размена на дописи со Берта фон Сутнер и напишал голем број статии и трудови. Особено бил активен во пишување за правата на жените, и во 1897 год. помогнал при основањето на ,,Зелен крст”, организација на жените која краток период била активна во Брисел.

Нобелова награда за мир [уреди]

Марка на Македонска Пошта со ликот на Анри Динан (ФДЦ 17в/2010, 20 октомври 2010)

Во 1901 год., Динан ја добил првата Нобелова награда за мир за неговата улога во оновањето на Меѓународното движење на Црвен крст и иницирањето на Женевската конвенција. Норвешкиот воен лекар, Ханс Даае, кој добил копија од книгата на Милер, го застапувал случајот на Динан пред Нобеловиот комитет. Наградата му била доделена и на Францускиот пацифист, Фредерик Паси, основач на Лигата за мир, кој заедно со Динан активно дејствуал и во Алијансата за ред и цивиизација. Официјалните честитки кои ги добил од Меѓународниот комитет конечно го претставиле обновувањето на репутацијата на Динан:

,,Не постои друг човек кој повеќе ја заслужува оваа чест, освен Вие, кој пред четириесет години ги поставивте темелите на меѓународната организација за помош на ранетите на бојното поле. Без Вас, Црвениот крст, највисокото хуманитарно достигнување на деветнаесетиот век веројатно никогаш немаше да се случи.’’

Мојние и Меѓународниот комитет како целина, исто така, биле номинирани за наградата. Иако Динан за време на процесот на избирање бил поддржуван од мнозинството, тој сепак бил контроверзен кандидат. Некои дискутирале дека Црвениот крст и Женевската конвенција ја направиле војната поатрактивна и позамислива со елиминирање на некои од страдањата предизвикани со неа. Затоа Милер, во писмо до комитетот, изјавил дека наградата треба да биде поделена помеѓу Динан и Паси, кои одреден период за време на дебатирањето биле водечките кандидати за добивање на наградата. Исто така, Милер предложил дека ако наградата е гарантирана за Динан, да му биде доделена веднаш заради неговите поодминати години и слабото здравје.

Со разделувањето на наградата помеѓу Паси, пацифист, и Динан, филантроп, Нобеловиот комитет утврдил преседан за условите за избор на Нобеловата награда за мир, кој во подоцнежните години имал значителни последици. Дел од нобеловците ќе покажат дека наградата треба да ја добие личност која работи на намалување или отстранување на постоечките војски, или директно промовира мировни конференции, што го направило Паси природен избор за неговата мировна работа. Од друга страна, хуманитарните напори некои ги гледале како широка интерпретација на Нобеловата волја. Сепак, според друг дел од тестаментот на Нобел, наградата за најзаслужна личност треба да ја добие оној кој најмногу постигнал за зајакнување на ,,братството меѓу луѓето”, и поопшто може да биде интерпретирана како препознавање на хуманитарна работа, како онаа на Динан, а во исто време поврзана и со градењето мир. Голем дел од добитниците на Нобелова награда за мир во подоцнежните години можеле да бидат назначени и за двете категории, кои првично и грубо биле воспоставени со одлуката на Нобеловиот комитет во 1901 год.

Ханс Даае успеал да ги вложи парите од наградата на Динан, 104 000 швајцарски франци, во Норвешка банка и да спречи пристап на неговите доверители. Динан самиот, за време на неговиот живот, не потрошил ништо од тие пари.

Смрт и наследство [уреди]

Гробот на Анри Динан

Меѓу неколкуте други награди во годините кои следеле е и Почесниот докторат, кој во 1903 год. му бил доделен на Динан од страна на Медицинскиот факултет при универзитетот Хајделберг. Живеел во дом за згрижување во Хајден сè до неговата смрт. Во последните години од неговиот живот страдал од депресија и параноја заради прогонството од страна на неговите доверители и Мојние. Имало и денови кога Динан инсистирал готвачот од домот прв да го проба неговото јадење, пред негови очи, за да се заштити од можно труење. Иако продолжил да ги практикува христијанските верувања, во неговите последни години го одбивал и напаѓал калвинизмот, и воопшто, религијата.

Како што кажувале неговите негуватели, последниот чин во неговиот живот бил да испрати копија од книгата на Милер кај италијанската кралица со лична посвета. Починал на 30 октомври 1910 год, а негови последни зборови биле: ,,Каде замина хуманоста?’’. Тој го надживеал својот немесис само два месеци. Освен честитките на МКЦК на доделувањето на Нобеловата награда, двајцата ривали никогаш не успеале да се помират.

Како што била неговата желба, тој бил погребан без церемонија на гробиштата Зилфелд во Цирих. Во неговиот тестамент, пишувало дека донира средства на домот за згрижување во Хајден за да обезбеди ,,слободен кревет” кој секогаш ќе биде на располагање на сиромашните граѓани од регионот, а оставил и пари за пријатели и добротворни организации во Норвешка и Швајцарија. Остатокот од неговите средства отишол кај неговите доверители, делумно олеснувајќи го неговиот долг. Неговата неспособност целосно да ги избрише своите долгови било голем товар за него сè до неговата смрт.

Неговиот роденден, 8 мај, се слави како Светски ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина. Поранешниот дом за згрижување во Хајден денес е Музеј на Анри Динан. Во Женева и на други места постојат голем број улици, плоштади и училишта кои го носат неговото име. Највисоко одликување е медалот Анри Динан, кој се доделува секоја втора година од страна на комисијата на Движењето на Меѓународниот Црвен крст и Црвена полумесечина.

Неговиот живот, со елементи на фикција, е претсавен во филмот Дом а хом (1948 год.), во кој учествува Жан Луј Баролт, а периодот од неговиот живот кога бил основан Црвениот крст во меѓународната филмска копродукција Анри Динан: црвено на крстот (2006 год.). Во 2010 год. театарската група Такаразука Реву режирала мјузикл базиран на неговот време поминато во Солферино и основањето на Црвениот крст (Зората во Солферино или Каде замина Хуманоста?).

Друго[уреди]


Наводи[уреди]

Книги на англиски јазик[уреди]

  • Henry Dunant: A Memory of Solferino. ICRC, Geneva 1986, ISBN 2-88145-006-7 – full text online: [1]
  • Pierre Boissier: [2]History of the International Committee of the Red Cross. Volume I: From Solferino to Tsushima. Henry Dunant Institute, Geneva 1985, ISBN 2-88044-012-2
  • Pierre Boissier: [3]Henri Dunant Henry Dunant Institute, Geneva 1974, ISBN 2-88044-012-2
  • Caroline Moorehead: Dunant's dream: War, Switzerland and the history of the Red Cross. HarperCollins, London 1998, ISBN 0-00-255141-1 (Hardcover edition); HarperCollins, London 1999, ISBN 0-00-638883-3 (Paperback edition)
  • Peter Masters: Men of Destiny. Wakeman Trust, London 2008, ISBN 1-87-085555-8 (Paperback edition). See chapter 8 - The Man Behind the Red Cross.

Книги на германски јазик[уреди]

  • Eveline Hasler: Der Zeitreisende. Die Visionen des Henry Dunant. Verlag Nagel & Kimche AG, Zürich 1994, ISBN 3-312-00199-4 (Hardcover edition); Deutscher Taschenbuch Verlag, München 2003, ISBN 3-423-13073-3 (Paperback edition)
  • Martin Gumpert: Dunant. Der Roman des Roten Kreuzes. Fischer Taschenbuch Verlag, Frankfurt 1987, ISBN 3-596-25261-X
  • Willy Heudtlass, Walter Gruber: Jean Henry Dunant. Gründer des Roten Kreuzes, Urheber der Genfer Konvention. 4. Auflage. Verlag Kohlhammer, Stuttgart 1985, ISBN 3-17-008670-7