Ана Кингсфорд

Од Википедија — слободната енциклопедија
Д-р. Ана Кингсфорд

Ана Кингсфорд, родена Бонус (16 септември 1846 во Мерилен Поинт, Стратфорд, Есекс22 февруари 1888 во Лондон), беше една од првите жени англичанки, која по Елизабет Гарет Андерсон, се стекна со диплома по медицина.

Кингсфорд станала позната како учесник во кампањата против вивисекција , поборник за правата на жените и вегетаријанството. Учела во Париз, дипломирајќи во 1880 г. по шест години студии, со цел да го продолжи своето застапување од поавторитарна позиција. Во тоа време таа беше единствен студент кој дипломирал медицина без извршување на експеримент врз ниту едно животно. Нејзината конечна теза за тема ја имаше добробитта од вегетаријанството која таа подоцна ја претвори во форма на книга насловена како L'Alimentation Végétale de l'Homme, а на англиски преведена како The Perfect Way in Diet(Совршена исхрана).[1]

Кингсфорд била исто активна и во теозофското движење на Англија, станувајќи претседател на истото во 1883 година. Велела дека имала увиди при состојби слични на транс како и за време на сон, кои пак низ различни манускрипти и памфлети биле собрани од нејзиниот долгогодишен животен соработник Edward Maitland, и истите биле посмртно објавени во книгата Clothed with the Sun(Облечена во Сонце).[2] На 42 годишна возраст умира од туберкулоза, која според некои ја добила откога ја затекнал силен дожд кога била на пат кон Луј Пастер-овата лабораторија во Париз.[3] Нејзиниот живот и дело останаа практично непроучени сè до објавувањето на нејзината биографија од Мејтленд, Животот на Ана Кингсфорд.[4]

Детство и младост[уреди | уреди извор]

Ана Кингсфорд со мајка ѝ околу 1857, кога Кингсфорд имала 11 години.

Кингсфорд е родена во Есекс во семејство од средната класа. Според сите проценки била напредно дете, својата прва поема ја напишала на девет годишна возраст, и Beatrice: a Tale of the Early Christians(Беатрис: приказна за раните христијани) кога имала тринаесет години. Дебора Рудасил пишува дека Кингсфорд уживала во ловење на лисици, сè додека еден ден во визија самата себеси се видела како лисица.[5][6]

Во 1867 на дваесетедногодишна возраст се мажи за Алгернон Годфри Кингсфорд, година дена подоцна раѓа ќерка. Без оглед на тоа што нејзиниот сопруг бил Англикански свештеник, таа се преобратила во Римокатолик во 1872, за што нејзиниот сопруг не и замерувал.[5]

Примајќи £700 годишно од нејзиниот татко, го купува списанието The Lady's Own Paper и работи како негова уредничка, што пак ја водеше кон контакти со некои истакнати жени на тоа време, вклучувајќи ја тука и писателката, феминистка и анти-вивисекционист Франсес Пауер Кобб. Всушност, статијата за вивисекција напишана од Кобб во The Lady's Own Paper беше таа која го поттикна нејзиниот интерес за оваа тематика.[5]

Студии по медицина[уреди | уреди извор]

Во 1873, Кингсфорд го среќава писателот Едвард Мејтленд, вдовец, кој го делеше нејзиното отфрлање на материјализмот. Со благослов на нејзиниот сопруг, тие двајцата започнуваат соработка, при што Мејленд ја придружуваше до Париз кога таа реши да студира медицина.

Париз во тоа време беше во центарот на револуција за изучувањето на физиологијата, во голем дел резултат на експериментирањето врз животни, особено кучиња, при што повеќето изведувани со анестетик. И Клод Бернард(1813–1878), познат како „татко на физиологијата„, работеше таму. Позната е неговата изјава "физиологот не е обичен човек: тој е научник, запоседнат и апсорбиран со научната мисла врз која работи. Тој не го слуша плачот на животните, тој не ја гледа нивната течечка крв, тој не гледа ништо освен неговата идеја ..."..."[7]

Валтер Грацер, професор емеритус по биохемија при лондонскиот Кингс колеџ, пишува дека значителен отпор кон вивисекцијата се јавил и во Викторијанска Англија, делумно како отпор кон истражувањата изведувани во Франција, а кои беа пренесувани и во Англија.[8] Бернард и други познати физиолози, како на пр. Шарл Рише во Франција и Мајкл Фостер (физиолог) во Англија, беа силно критикувани за нивната дејност. Британски анти-вивисекционист се беше инфилтрирал кај предавањата на Бернардовиот учител, Франсоа Мажанди, кој сецираше кучиња без анестезија. Антививисекционистот, според кажувањата, им викнал — "Tais-toi, pauvre bête!" („Замолчи, ти ѕверу ништожен!„) — додека тој работел.[8] Сопругата на Бернард, Мари-Франсоаз Бернард, била силно против неговите истражувања, иако таа ги финансираше низ нејзиниот мираз.[9] На крајот се разведе од него, основајќи здружение против вивисекцијата.

Ваква беше атмосферата на медицинскиот факултет и болниците кои служеа за подучување во Париз кога Кингсфорд пристигна, носејќи го додатниот товар поради тоа што е жена. Иако на жените им беше дозволено да студираат медицина во Франција, Рудасил пишува дека не биле добредојдени. Кингсфорд во писмото напишано до својот сопруг во 1874 вели:

Работите не се одвиваат добро за мене. Мојот шеф во Hôpital de la Charité силно ги отфрла како недобредојдени женските студенти и користи многу средства за да го искаже тоа. Околу стотина мажи (жени нема, освен мене) одеа околу болничките соби, и кога се собравме сите околу него за да ни ги запише имињата, тој ги прозва по име сите студенти освен мене и потоа ја затвори тетратката. Јас истапив напред по ова и тивко реков "Et moi aussi, monsieur." [И јас, Господине.] Тој остро се сврте кон мене и извика, "Vous, vous n'êtes ni homme ni femme; je ne veux pas inscrire vôtre nom." [Вие, вие не сте ниту маж ниту жена; Не сакам да го запишам вашето име.] Стоев среде мртва тишина."[7]

Кингсфорд била шокирана со глетките и звуците од животинските експерименти кои ги беше видела. На 20 август 1879 напиша:

Тука во паришкиот Faculté de Médecine го најдов својот пекол. Пекол далеку повистинит и поужасен отколку било којшто досега го имав сретнато на друго место, пекол кој ги отелотворува сите сништа на средновековните монаси.

Помислата дека е тоа така, силно ме обзеде еден ден кога седев во музејот на училиштето, со главата во рацете, обидувајќи се залудно да ги истргнам од своите уши жалните крици и вресоци кои често пловеа накај мене искачувајќи се по скалите ... Од време на време, како ќе досегнеше до мене срцепарачки врисок посилен од останатите, потта го облеваше моето чело и дланките од моиве раце, и се молев, "О Господи, изведи ме од овој Пекол; не ме изложувај на маки да останам на ова ужасно место."[7]

Смрт[уреди | уреди извор]

Гробот на Кингсфорд во дворот на црквата Св.Еата во Атчам, со поглед кон реката Северн, на местото каде честопати го гледала зајдисонцето.[10]

Алан Перт пишува дека Кингсфорд била зафатена од силен дожд во Париз, ноември 1886 додека одела кон лабораторијата на Луј Пастер, еден од најистакнатите вивисекционисти од тој период. Според кажувањата поминала часови во мокра облека и добила пневмонија, а потоа и туберкулоза.[3]

Перт пишува дека патувала до Ривиерата и во Италија, понекогаш со Мејтленд, а при други прилики со сопругот, залудно надевајќи се дека поинаквата клима би и помогнала да се опорави. Во јули 1887 се преселува во Лондон, во куќа која таа и нејзиниот маж ја изнајмиа на ул. 15 Wynnstay Gardens, Кенсингтон, чекајќи да почине, но сепак останувајќи интелектуално активна.[11] Почина на 22 февруари 1888 година, беше погребана во дворот на црквата Св. Еата крај реката Северн.[3] Нејзиното име при смртта е впишано како Annie Kingsford. При нејзината венчавка Сјусекс во 1867, запишана е исто како Annie Bonus.[12]

Одбрани публикации[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Rudacille, Deborah. The Scalpel and the Butterfly. University of California Press, 2000, pp. 31, 46.
  2. Clothed with the Sun Архивирано на 14 август 2017 г..
  3. 3,0 3,1 3,2 Pert, Alan. "Last Years" Архивирано на 30 март 2016 г., Red Cactus website, retrieved 30 март 2008.
  4. The Life of Anna Kingsford Архивирано на 12 мај 2020 г..
  5. 5,0 5,1 5,2 Rudacille, Deborah. The Scalpel and the Butterfly. University of California Press, 2000, pp. 33-34.
  6. Burgess, Jennifer. "Biography", Victorian Web, retrieved 30 март 2008.
  7. 7,0 7,1 7,2 Rudacille, Deborah. The Scalpel and the Butterfly. University of California Press, 2000, p. 35.
  8. 8,0 8,1 Gratzer, Walter. Eurekas and Euphorias: The Oxford Book of Scientific Anecdotes. Oxford University Press, 2004, p. 224.
  9. Rudacille, Deborah. The Scalpel and the Butterfly. University of California Press, 2000, p. 19.
  10. "Anna Kingsford's grave", Anna Kingsford website, retrieved 31 март 2008.
  11. Images of the house at 15 Wynnstay Gardens Архивирано на 30 март 2016 г., Anna Kingsford website, retrieved 31 март 2008.
  12. public record office marriage and death registers, Kew

За натамошно читање[уреди | уреди извор]