Ало, ало!

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Ало, Ало!)
Ало, ало!
Податотека:AlloAllo CAST.jpg
Глумците на Ало, ало! во 1988.
Жанрситком
Создадена одДејвид Крофт, Џереми Лојд
УлогиГорден Кеј
Кармен Силвера
Вики Мишел
Кирстен Кук
Ричард Гибсон
Џек Хег
Ким Хартман
Сем Кели
Ричард Марнер
Гај Синер
Роуз Хил
Кенет Конор
Хилари Минстер
Сју Хоџ
Земја на потеклоВелика Британија
Бр. на сезони9
Бр. на епизоди85
Продукција
Времетраење26x25 минути,
55x30 минути,
1x35 минути,
3x45 минути
Прикажување
Првична мрежаББС 1
Првично прикажување30 декември 1982 – 14 декември 1992
Надворешни врски
Мрежна страницаbbc.co.uk/comedy/guide/articles/a/alloallo 7770250.shtml

Ало, ало! (англиски: 'Allo 'Allo!) е британски ситком емитуван на BBC1 од 1982 до 1992, со вкупно 85 епизоди. Создаден е од Дејвид Крофт, кој исто така ја напишал главната музичка тема, и Џереми Лојд. Во 2004, на анкетата за најдобар британски ситком, е изгласан #13. На 28 април 2007, на BBC2, беше прикажана специјална епизода со нов материјал, поради која се собраа поголем дел од сè уште живите глумци, а исто така имаше и клипови од серијата и интервјуа.[1] Кај нас, серијата беше емитувана на Сител телевизија, а во 2008 беше репризирана на K-15

Дејствие[уреди | уреди извор]

Сместена за време на Втората светска војна, Ало, ало ни ја раскажува приказната за Рене Артоа, Французин, кој има кафуле во селото Нувион. (Сцените во центарот на селото се снимани во Линфорд Хол, Норфолк). Германците го окупирале селото и украле сè што е вредно, меѓу што и сликата „Паднатата Богородица“ (оние кои ја гледале серијата, ја знаат како „Паднатата Богородица со големите цицки од Ван Кломп“). Командантот на градот решава да ја зачува сликата за него за да ја продаде по војната, и го тера Рене да ја крие во неговото кафé. И Хитлер ја сака сликата за него, па го праќа Хер Ото Флик од Гестапо во градот за да ја најде, но Флик се труди да ја зачува за себе.

Во исто време, кафéто се користи како скривалиште за двајца храбри, но збунети Британски авијатичари. Рене е натеран да работи за Отпорот, кои би го стрелале затоа што ги служи Германците во кафéто. Безбројните планови на Отпорот да ги врати авијатичарите во Англија, кои секогаш се неуспешни, се една од главните приказни во серијата. Како дел од плановите, Отпорот вградува радио во спалната на тештата на Рене. Оваа тајна направа за комуникација меѓу Лондон и Отпорот (под кодираното име „Ноќен сокол“ (Night Hawk)), е скриена под креветот, и како сигнал кога Лондон се јавува се поставени светилки во рачките на креветот. Насловот на серијата е инспириран од поздравите на Рене кога е на радиото/телефонот. („allô“)

Рене исто така се обидува да ги скрие неговите афери со слугинките од неговата жена. И Комунистичкиот Отпор составен само од жени прави планови против Рене поради тоа што им служи на Германците и затоа што работи со Галскиот Отпор. Единствена причина за да не го убијат е таа што нивниот главен водач е вљубен во Рене, а тој тоа мора да го крие од неговата жена и слугинките. Но, и поручникот Грубер, кој е хомосексуалец, константно флертува со Рене.

Во една од пораните епизоди беше изглумена смртта на Рене, па затоа, во најголемиот дел од серијата, тој треба да се преправа како неговиот брат близнак, и да ја убеди жена му повторно да се венча со него за да си го поврати кафéто. Во меѓувреме, жена му на Рене, Едит, е барана од г-дин Алфонс, којшто има своја погребална и е растргнат помеѓу љубовта кон Едит и восхитеноста кон Рене кого смета за вистински херој на Франција.

Овие неколку приказни се главните за време на целото времетраење на серијата, низ кои се испреплетени многу замки, физички комедии и визуелни мамки, смешни акценти, многу сексуални инсинуации и др. Секоја епизода се заснова на претходната, поради што мора да се види секоја епизода за да се разбере дејствието. На почетокот на секоја епизода, Рене раскажува во кратки црти што се случило претходно, често почнувајќи со „Како што се сеќавате...“.

Епизоди[уреди | уреди извор]

По пилот-епизодата во декември 1982, сезона од шест епизоди беше направена и прикажана од септември 1984 па натаму. Втората, третата и четвртата сезона следеа по една годишно, секоја по шест епизоди.

Петтата сезона се состои од 26 епизоди прикажани меѓу септември 1988 и февруари 1989, а причина беше емитувањето на серијата во Америка.[2] Но, тоа не беше успешно првиот пат (иако потоа серијата стана популарна на PBS). Како резултат на тоа, шестата сезона се состои само од 8 епизоди, емитувани во септември 1989 па натаму.

Во јануари 1990 година, Горден Кеј доживеа тешка несреќа со повреди на главата во сообраќајна несреќа.[2] Ова ја задоцни премиерата на седмата сезона, која се состои од 10 епизоди емитувани од јануари 1991 па натаму. Осмата сезона следеше во јануари 1992, и последната, деветта сезона од шест епизоди беше прикажана во септември истата година. Во 1994, BBC емитуваше Најдоброто од Ало, ало!, компилација од клипови од серијата и неколку нови сцени со Горден Кеј и Кармен Силвера, во кои Рене и Едит зборуваат за настаните во војната.

Занимливости[уреди | уреди извор]

Целта на серијата не беше да се исмева војната, туку филмовите и сериите коишто се направени во врска со војна, во овој случај драмата на BBCSecret Army“ за движењата на Отпорот, која одеше од 1977 до 1979 и се засноваше на активностите на отпорот во едно кафуле во Брисел, но и била извлечена инспирација од патриотските црно-бели Британски мелодрами од 1940-тите. Улогата на Рене меѓу Германците и Отпорот е пародија на Рик од Казабланка.

Претходната комедија заснована на војна на BBC беше „Dad’s Army“.

Во 2008, германската телевизија ПроЗибн ги откупи правата за емитување на Ало, ало!, која за првпат ќе биде емитувана во Германија.

Улоги[уреди | уреди извор]

Рене Артоа
Едит
Ивет
Фани

Белешки[уреди | уреди извор]

  1. 'Allo 'Allo due for screen return“. BBC. 8 март 2007.
  2. 2,0 2,1 BBC Comedy Guide - 'Allo 'Allo! Посетено на 2007-01-22.