Алкохолен пијалак

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Шишиња со кашаса, бразилски алкохолен пијалак.

Алкохолен пијалак е пијалак кој содржи етанол. Етанолот е дрога и депресант. Иако алкохолот е легална дрога во повеќето делови на светот, многу општества ја регулираат или ја ограничуваат неговата продажба и употреба.

Хемија[уреди]

Главна статија: Етанол

Етанолот (CH3CH2OH), активната состојка во алкохолните пијалаци, се создава скоро секогаш со помош на ферментација - метаболизмот на јаглехидратите на посебни типови на квасни габи во отсуство на кислород.

Имало претпоставки дека нечистотиите во алкохолот доведуваат до мамурлук. Како и да е, поверојатно е дека причината за тоа е етаналот, токсичен продукт кој се создава во црниот дроб со преработката на алкохолот.

Алкохолните пијалаци со концентрација над 50% етанол се запалливи течности и лесно се палат. Некои егзотични пијалаци го добиваат својот препознатлив вкус преку намерно палење на пијалакот.

Треба да се забележи дека во хемијата, алкохол е општ поим за било кое органско соединение во кое се сврзува хидроксилна група (-OH) со јаглероден атом, кој понатаму е сврзан со други јаглеродни атоми и водород. Другите алкохоли како пропилен гликолот и шеќерните алкохоли се среќаваат често во храната, но овие алкохоли не ја прават храната "алкохолна".

Потрошувачка на алкохол[уреди]

Според податоците на IWSR, фирма за истражување на пазарот, Кина има најголем пазар на алкохолни пијалаци и таа учествувала со 38% во вкупната светска потрошувачка во 2012 година.[1]

Најпопуларен алкохолен пијалак во светот бил вотката чија светска потрошувачка изнесувала 4,44 милијарди литри, од кои, речиси 2 милијарди отпаѓале на рускиот пазар, а потоа следувале пазарите на САД (малку над 600 милиони литри), Украина, Полска, Узбекистан, Белорусија, Казахстан, Велика Британија, Бразил и Германија. Мерено според потрошувачката по глава на жител, повторно, на првото место биле Русите, со испиени 13,9 литри по човек, а следувале Белорусите (11,3 литри), Украинците (7,7 литри), Полјаците (7 литри) итн.[2]

Во 2012 година, вкупната светска потрошувачка на рум изнесувала 1,47 милијарди литри, од кои, речиси нешто повеќе од 400 милиони отпаѓале на индискиот пазар, а потоа следувале пазарите на САД (200 милиони литри), Филипини, Куба, Германија, Шпанија итн. Мерено според потрошувачката по глава на жител, на првото место биле Кубанците, со испиени 4,9 литри по човек, а следувале Доминиканците (3,3 литри), Филипинците (1,4 литри), Канаѓаните (0,9 литри), Шпанците (0.7 литри) итн.[3]

Според вкупната потрошувачка во 2012 година, третиот најпопуларен алкохолен пијалак било шкотското виски, со вкупна светска потрошувачка од 0,86 милијарди литри. Најголеми количества виски биле потрошени во Франција, САД, Велика Британија, Бразил, Шпанија, Русија, Мексико, Јужна Африка, Тајланд и Индија, додека мерено според потрошувачката по глава на жител, на првото место биле Французите (1,9 литри), а по нив следувале Британците (0,9 литри), Шпанците (0,8 литри) итн.[4]

По вискито, во 2012 година, следувала потрошувачката на џин (0,44 милијарди литри), при што, најголеми пазарина џин биле: Филипини, САД, Шпанија, Британија, Индија, Холандија, Германија, Канада, Словачка и Уганда. Според потрошувачката по жител, на првото место биле Филипинците (1,4 литри), следени од Словаците (1,2 литри), Холанѓаните (0,8 литри) и Шпанците (0,6 литри).[5]

Петтиот најпопуларен пијалок во светот во 2012 година била текилата, со вкупна потрошувачка од 0,23 милијарди литри. Најголеми пазари на текила биле: САД, Мексико, Русија, Германија, Канада, Бразил, Јапонија, Британија, Франција и Шпанија. Според потрошувачката по жител, на првото место биле Мексиканците (0,63 литри), следени од Американците (0,36 литри), Канаѓаните (0,08 литри) итн.[6]

Наводи[уреди]

  1. "Алкохол", Економија и Бизнис, година 16, број 180, јуни 2013, стр. 59.
  2. "Алкохол", Економија и Бизнис, година 16, број 180, јуни 2013, стр. 59.
  3. "Алкохол", Економија и Бизнис, година 16, број 180, јуни 2013, стр. 59.
  4. "Алкохол", Економија и Бизнис, година 16, број 180, јуни 2013, стр. 59.
  5. "Алкохол", Економија и Бизнис, година 16, број 180, јуни 2013, стр. 59.
  6. "Алкохол", Економија и Бизнис, година 16, број 180, јуни 2013, стр. 59.

Поврзано[уреди]