Алиша Кис

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Алиша Кис

Алиша Кис настапува на Tokyo Summer Sonic Festival, 10 август 2008 година
Биографски податоци
Родено име Алиша Агуело Кук
Познат(а) и како Lellow
Роден(а) јануари 25 1981 (1981-01-25) (33 г.)
Потекло Њујорк Сити, Њујорк, САД
Жанрови R&B, соул, поп
Занимања пејач-текстописец, мулти-инструметалец, композитор, продуцент, актерка, режисер на музичко видео, автор, поет
Инструменти вокал, пијано, инструмент со клавијатура, чело, синтисајзер, вокодер, гитара, бас гитара
Период на активност 1997–денес
Издавачи Columbia, Arista, J
Мреж. место aliciakeys.com

Алиша Аугело Кук (родена на 25 јануари 1981 година), попозната по нејзиното сценско име Алиша Кис, е американска артистка, музичарка и актерка. Таа е израсната од самохрана мајка во областа Хелс Кичен во Менхетен, Њујорк Сити. На седум години, Кис започна да свири класична музика на пијано. Се школуваше во Професионално училиште за изведувачки уметности и матурираше на 16 години како првенец на генерација. Потоа се запиша на универзитетот Колумбија и се откажа од студирањето за да ја продолжи музичката кариера. Кис го издаде својот деби албум со J Records, иако претходно имаше договори за снимање со Columbia и потоа со Arista Records.

Деби албумот на Кис, Songs in A Minor, беше комерцијален успех со продадени над 12 милиони копии низ светот. Таа стана најпродаваниот нов изведувач и најпродаван R&B изведувач за 2001 година. Албумот на Кис ѝ донесе пет Греми награди во 2002 година, како и наградите за „Најдобар нов изведувач“ и „Песна на годината“ за "Fallin'". Нејзиниот втор студиски албум, The Diary of Alicia Keys, беше издаден во 2003 година и имаше голем успех низ светот со 8 милиони продадени копии. Во 2005 година албумот на Кис и донесе уште четири Греми награди. Подоцна, истата година, го издаде својот прв албум во живо, Unplugged , кој дебитираше на првото место во САД. Таа беше првиот женски изведувач чиј албум MTV Unplugged дебитираше на првото место уште од албумот на Нирвана во 1994 година.

Наредните години, Кис се појави во неколку телевизиски серии, започнувајќи со Волшебнички. Нејзиното прво појавување на игран филм беше во „Четирите асови“, а подоцна во 2007 година глумеше во „Дневниците на дадилката“. Нејзиниот трет студиски албум, As I Am, беше издаден истата година и се продаде во над 3 милиони копии низ светот што ѝ донесе на Кис уште три Греми награди. Наредната година таа се појави во „Тајниот живот на пчелите“ со што доби номинација на NAACP Image Awards. Во декември 2009 година го издаде нејзиниот четврти албум, The Element of Freedom, кој беше првиот нејзин албум кој се искачил високо на музичките листи во Велика Британија. За целата нејзина кариера, Кис доби многубројни награди и продаде преку 30 милиони албуми низ светот. Магазинот Билборд ја именуваше како најдобар R&B изведувач за декадата од 2000 – 2009 година и најпродаваниот изведувач во нејзиното време. Во 2010 година, VH1 ја стави Кис на листата за „100 најдобри изведувачи на сите времиња“.


Живот и кариера[уреди]

1981-1986 година: Младост[уреди]

Кис е родена како Алиша Аугело Кук на 25 јануари 1981 година во областа на Менхетен, Хелс Кичен, во Њујорк Сити, Њујорк. Таа е единственото дете на Тереса Аугело, приправник и повремена актерка, и Крег Кук, стјуард. Мајката на Кис има шкотско, ирско и италијанско потекло, а нејзиниот татко е афроамериканец. Кис изјави дека се чувствува убаво што има потекло од две раси бидејќи така можела „да се поврзе со различни култури“. Нејзините родители се разделија кога Алиша имаше две години и продолжи да живее само со мајка ѝ во Хелс Кичен, Менхетен. Во 1985 година, на четиригодишна возраст, Кис се појави во „Шоуто на Козби“, каде што таа и група девојчиња глумеа гости за преспивање кај Руби Хукстејбл во епизодата „Групно преспивање“. Во нејзиното детство, мајка ѝ ја праќаше на часови по музика и танцување. Кис почна да свири на пијано кога имаше седум години и научи да свири класична музика од композитори како Бетовен, Моцарт и Шопен. На 12 години се запиша во Професионално училиште за изведувачки уметности, каде што пееше во хор и на 14 години започна да пишува песни. Матурираше за три години, на 16 години, како првенец на генерација.

Во 1994 година Кис го запозна долгогодишниот менаџер Џеф Робинсон, откако се запиша во поучилишната програма на неговиот брат. Наредната година Робинсон ја запозна Кис со нејзиниот иден менаџер во Arista Records, Петер Еџ, кој подоцна ги опиша неговите први впечатоци во HitQuarters: „Никогаш не сум сретнал млад R&B изведувач со толку голема музикалност. Многу луѓе само површно ги пеат песните, но таа има способност, не само да биде дел од хип-хопот туку и да оди подалеку од тоа“. ЕЏ му помогна на Робинсон да ја претстави Кис во најдобро светло и учествуваше во развивањето на нејзиниот демо материјал. Тој сакаше самиот да потпише договор со Кис, но во тоа време не можеше бидејќи ја напушташе компанијата. Наскоро Кис потпиша договор со Columbia Records. Во исто време кога потпишуваше договор за снимање со Columbia Records, Кис беше примена на Columbia University. На почетокот Кис се трудеше да ги постигне и двете работи, но по четири недели се откажа од факултетот за целосно да се посвети на музичката кариера.

1997 – 2000 година: Почетокот на кариерата[уреди]

Кис потпиша демо договор со Џермаин Дупри и So So Def Recordings, каде што се појави на Божиќниот албум на издавачката куќа изведувајќи ја песната "The Little Drummer Girl". Таа исто така напиша и сними песна насловена "Dah Dee Dah (Sexy Thing)", којашто се појави на саундтракот за филмот од 1997 година, „Луѓе во црно“. Песната беше првото професионално снимање на Кис, меѓутоа никогаш не беше издадена како сингл. Нејзиниот договор за снимање со Columbia Records беше прекинат поради недоразбирање со издавачката куќа. Кис не беше задоволна со издавачката куќа бидејќи нејзината кариера стоеше во место две години додека траеше договорот со Columbia Records поради неодлучноста околу нејзината насока и големи промени во компанијата. Кис го повика Клив Дејвис, кој примети „посебен и единствен“ изведувач по нејзиното настапување и ѝ помогна да потпише договор со Arista Records, која подоцна се распушти. Кис за малку ќе го избереше Вајлди како нејзино сценско име, но нејзиниот менаџер ѝ го предложи името Кис поради некој негов сон. Кис мисли дека името ја претставува неа и како изведувач и како личност. Следејќи го Дејвис во неговата ново оформена издавачка куќа J Records, таа ги сними песните "Rock wit U" и "Rear View Mirror", кои се најдоа на саундтраците за филмовите „Шафт“ (2000 година) и „Д-р Дулитл 2“ (2001 година).

2001 – 2002 година: Songs in A Minor[уреди]

Кис го издаде својот прв студиски албум, Songs in A Minor, во јуни 2001 година. Албумот дебитираше на првото место на Billboard 200 и се продаде во 236 000 копии во првата недела. Над 6,2 милиони копии од албумот се продадоа во САД каде што беше сертифициран шест пати како Платинум од страна на Recording Industry Association of America (RIAA). Продолжи да се продава во над 12 милиони копии низ светот со што ѝ овозможи на Кис да стекне популарност како во САД така и пошироко и стана најпродаван нов изведувач и најпродаван R&B изведувач за 2001 година. Првиот сингл од албумот, "Fallin'", помина шест недели на првото место на Billboard Hot 100. Вториот сингл од албумот, "A Woman's Worth", се искачи на третото место на истата музичка листа. Наредната година, албумот беше реиздаден како Remixed & Unplugged in A Minor, на којшто имаше 8 ремикси и седум верзии во живо на песните од оригиналните албуми.

Кис настапува во Франкфурт, Германија, 2002 година

Албумот Songs in A Minor на Кис ѝ донесе пет награди на Греми наградите во 2002 година и тоа за „Песна на годината“, „Најдобар женски R&B изведувач“, „Најдобра R&B песна“ за “Fallin’” потоа за „Најдобар нов изведувач“ и за „Најдобар R&B албум“. Песната “Fallin’” беше номинирана и за „Запис на годината“. Кис беше вториот женски соло изведувач кој добил пет Греми награди во една вечер, по Лорин Хил на 41-те Греми награди. Истата година соработуваше со Кристина Агилера за вториот албум Stripped на песната “Impossible”, која што Кис ја напиша, ја ко-продуцираше и ги пееше придружните вокали. На почетокот на 2000 година Кис накратко се појави и на телевизиските серии „Волшебнички“ и „Американски сонови“.

2003–2005 година: The Diary of Alicia Keys и Unplugged[уреди]

Во декември 2003 година Кис го издаде албумот The Diary of Alicia Keys. Албумот дебитираше на првото место на Billboard 200, продавајќи се во над 618 000 копии во првата недела од издавањето, со што Кис стана најпродаван женски изведувач во првата недела. Албумот се продаде во 4,4 милиони копии во САД и беше четири пати сертифциран како Платинум од RIAA. Се продаде во осум милиони копии низ светот, постанувајќи шестиот најпродаван албум од женски изведувач и вториот најпродаван албум од женски R&B изведувач. Песните "You Don't Know My Name" и "If I Ain't Got You" се искачија меѓу првите пет места на музичката листа Billboard Hot 100 а третата песна "Diary", беше меѓу првите десет песни. Четвртиот сингл "Karma", имаше помал успех и се искачи само на 20-тото место на Billboard Hot 100. "If I Ain't Got You" беше првиот сингл од женски изведувач којшто останал на музичката листа Billboard Hot R&B/Hip-Hop Songs повеќе од една година.

Кис доби награда за „Најдобро R&B видео“ за "If I Ain't Got You" на MTV видео музичките награди во 2004 година. Таа ги изведе песните "If I Ain't Got You" и "Higher Ground" заедно со Лени Кравиц и Стиви Вондер. Подоцна, истата година, Кис го издаде својот роман Tears for Water: Songbook of Poems and Lyrics (Солзи наместо вода: Збирка на текстови од песни и поеми) колекција од неиздадени поеми од нејзините дневници и стихови. Насловот потекнува од една од нејзините поеми, “Love and Chains” од стихот: „Не ми смета да ги пијам своите солзи наместо вода“. Кис рече дека насловот е темелот на нејзиното пишување бидејќи „сé што имам напишано произлегло од моите солзи од радост, од болка, од тага, од депресија, дури и од двоумење“. Книгата заработи 500 000 американски долари и со тоа Кис влезе во листата на бестселери на „Њујорк Тајмс“ во 2005 година. Наредната година, Кис доби втора последователна награда за „Најдобро R&B видео“ на MTV видео музичките награди за видеото за песната “Karma”. На Греми наградите во 2005 година, Алиша ја изведе песната "If I Ain't Got You", а потоа им се придружи на Џејми Фокс и Квинси Џонс во препевот на "Georgia on My Mind", песната на Хоги Кармајкл испеана од Реј Чарлс во 1960 година. Вечерта Кис доби четири Греми награди и тоа „Најдобра женска вокална R&B изведба“ за "If I Ain't Got You", „Најдобра R&B песна“ за "You Don't Know My Name", „Најдобар R&B албум“ за “The Diary of Alicia Keys”, и „Најдобра R&B изведба за "My Boo" со Ашер.

Кис ги изведе и ги сними нејзините настапувања на сериите MTV Unplugged во јули 2005 година во Музичката академија во Бруклин. За време на ова снимање, таа направи неколку промени на нејзините оригиналните песни и изведе неколку преработки за избор. Овие снимки беа издадени на ЦД и на ДВД во октомври 2005 година. Едноставно насловен како Unplugged, албумот дебитираше на првото место на музичката листа во САД со продадени над 196 000 копии само во првата недела од издавањето. Албумот се продаде во над еден милион копии во САД, каде што беше сертифициран како Платинум од страна на RIAA, а две милиони копии низ светот. Албумот на Кис, Unplugged, беше првиот албум од MTV Unplugged албумите кој дебитирал на првото место од албумот на Нирвана од 1994 година, MTV Unplugged in New York и првиот албум од женски изведувач кој дебитирал на првото место. Првиот сингл од албумот, "Unbreakable", се искачи на 34-тото место на Billboard Hot 100 и на четвртото место на Hot R&B/Hip-Hop Songs . Синглот остана на првото место на Billboard Hot Adult R&B Airplay цели 11 недели.

Кис заедно со нејзиниот продукциски партнер и текстописец Кери „Крушал“ Бродерс, отвори студио за снимање во Лонг Ајленд, Њујорк, наречено The Oven Studios. Студиото го дизајнираше познатиот архитект Џон Сторик од WSDG, дизајнер на студиото на Џими Хендрикс Electric Lady Studios. Кис и Бродерс се ко-основачи на претпријатијата KrucialKeys, тим за продукција и пишување на песни кој ѝ помогна на Кис во создавањето на нејзините албуми како и во создавањето музика за други изведувачи.

2006–2008 година: Дебитирање на филм и албумот As I Am[уреди]

Во 2006 година Кис доби три награди на NAACP Image Awards, за „Најдобар женски изведувач“ и за „Најдобра песна“ за “Unbreakable”. Таа исто така доби Старлајт награда од Халата на познати текстописци. Во октомври 2006 година, го позајми гласот за Моми Мартиан во епизодата „Мисијата за Марс“ од детската телевизиска серија „Бекјардиганс“, во која ја пееше оригиналната песна "Almost Everything Is Boinga Here". Истата година, Кис скоро доживеа нервен слом бидејќи нејзината баба почина, а нејзиното семејство многу зависеше од неа. На Алиша ѝ беше потребно да „избега“ од сé и отиде во Египет три недели. Таа објасни „Тоа патување беше најважното нешто што сум го направила за мене во целиот мој живот. Тогаш се соочував со многу тешко време и дојде до таа точка кога навистина ми требаше, искрено кажано, ми требаше да побегнам некаде. И сакав да побегнам што е можно подалеку“.

Првото нејзино појавување во игран филм беше на почетокот на 2007 година во криминалистичкиот филм „Четирите асови“, во кој глумеше како платен убиец по име Џорџија Сајкс заедно со Бен Афлек и Енди Гарсија. Кис доби многу пофалби од другите актери во филмот. Рејнолдс рече дека Кис била „сосема природна“ и дека ќе ги „разнесе сите“. Истата година, Кис доби уште многу пофалби за нејзиниот втор филм, „Дневниците на дадилката“, базиран врз истоимениот роман од 2002 година, во кој таа глумеше заедно со Скарлет Јохансон и Крис Еванс. Таа исто така гостуваше во епизодата „Еден човек е остров“ од драмските серии „Кејн“.

Кис настапува во живо, 20 март 2008 година

Кис го издаде својот трет студиски албум, As I Am,, во ноември 2007 година. Албумот дебитираше на првото место на Billboard 200 со продадени над 742 000 копии во првата недела. Тоа беше најголемата продажба на албум во првата недела за Кис и албумот стана нејзиниот четврти последователен број еден албум, поврзувајќи ја со Бритни Спирс за најмногу дебитирања на првото место на Billboard 200 од женски изведувач. Неделата стана втората недела со најмногу продажби во 2007 година за женски соло изведувач уште од продажбата на албумот Feels like Home на Нора Џонс во 2004 година. Албумот се продаде во скоро четири милиони копии во САД и беше сертифициран три пати како Платинум од RIAA. Беа продадени околу шест милиони копии низ светот. Кис имаше пет номинации за албумот As I Am на Американските музички награди во 2008 година, а доби само две награди. Првиот сингл од албумот, "No One", се искачи на првото место на Billboard Hot 100 и на Hot R&B/Hip-Hop Songs, станувајќи третиот и петтиот број еден сингл на секоја музичка листа посебно. Вториот сингл од албумот "Like You'll Never See Me Again", беше издаден при крајот на 2007 година и се искачи на 12-тото место на Billboard Hot 100 и на првото место на Hot R&B/Hip-Hop Songs. Третиот сингл од албумот, "Teenage Love Affair", се искачи на третото место на Hot R&B/Hip-Hop Songs chart. Кис го издаде и четвртиот сингл, "Superwoman", кој се искачи на 82-то место на Billboard Hot 100 и на 12-тото место на Hot R&B/Hip-Hop Songs.

Кис настапува на 2008 Summer Sonic Festival во Токио, Јапонија

Кис за песната “No One” доби награда за „Најдобра женска R&B вокална изведба“ и награда за „Најдобра R&B песна“ на Греми наградите во 2008 година. Кис ја отвори церемонијата пеејќи ја песната "Learnin' the Blues" на Френк Синатра од 1950 година како „дует“ со архивска видео снимка од Синатра во позадина, а подоцна ја изведе и песната “No One” со Џон Мајер. Кис доби и награда за „Најдобар женски R&B изведувач“. Таа глумеше во рекламните микро-серии “Fresh Takes” креирани од Dove Go Fresh, кои се емитуваа за време на Хилс на MTV во месеците март и април во 2008 година. Емитувањето означи „лансирање“ на нови производи Dove Go Fresh. Таа исто така потпиша договор како портпарол со Glacéau's VitaminWater (Витаминската вода на Гласе) за да го подржат продизводот и беше во реклама на Американ Експрес за кампањата „Дали си член со картичка?“. Кис заедно со гитаристот и главниот вокал на групата White Stripes, Џек Вајт, ја снимија тематската песна за Quantum of Solace (Трошка утеха), првиот дует во историјата на саундтракот на Бонд филмовите. Во 2008 година Кис беше рангирана на 80-тото место на листата за „Најдобри изведувачи од сите времиња“ на Billboard Hot 100. Таа исто така глумеше во филмот „Тајниот живот на пчелите“, адаптација на истоимениот бестселер од 2003 година на Сју Монк Кид, заедно со Џенифер Хадсон и Квин Латифа. Филмот беше издаден во октомври 2008 година од страна на Fox Searchlight. Нејзината улога и донесе номинација за „Најдобра споредна женска улога во филм“ на NAACP Image Awards. Кис имаше три номинации на Греми наградите во 2008 година, а доби награда за „Најдобра женска R&B вокална изведба“ за песната “Superwoman”.

Во интервјуто за магазинот Блендер, Кис наводно рекла дека “Gangsta rap” било само тактика за да се убедат црните луѓе да се испоубијат меѓусебно, дека „генгста рапот“ не постои и дека тоа било создадено од „владата“. Магазинот тврдеше и дека таа рекла дека Тупак Шакур и Ноториус Б.И.Г. биле „убиени, а тоа потекнувало од владата и медиумите за да спречат постоење на друг црн лидер“. Потоа Кис напиша изјава разјаснувајќи ги прашањата и тврдејќи дека нејзините зборови биле погрешно прототлкувани. Подоцна истата година, Кис беше критикувана од активистите против пушењето за постерите за нејзините идни концерти во Индонезија на кои што се наоѓало логото на брендот за меки цигари спонзориран од Филип Морис. Таа се извини по отривањето дека концертот е спонзориран од компанијата и побара „корективни мерки“. Како резултат, компанијата го повлече своето спонзорство.

2009–денес: The Element of Freedom, брак и мајчинство[уреди]

Кис на црвениот тепих на American Music Awards во 2009 година.

Кис и нејзиниот менаџер Џеф Робинсон потпишаа договор за филмска продукција со Дизни за развој на проекти за акција во живо и анимирани проекти. Нивниот прв филм беше преработка на комедијата од 1958 година, Bell, Book and Candle (Ѕвоно, книга и свеќа), а во него Кис глумеше вештерка која фрла љубовна магија за да го намами свршеникот на нејзиниот ривал. Кис и Робинсон формираа и телевизиска продукциска компанија наречена Big Pita. Кис и Робинсон од нивната компанија, Big Pita и Little Pita, направија проекти за акции во живо и анимирани проекти, со Кис како продуцент, раскажувач и контролер на музиката и саундтракот.

Кис соработуваше со продуцентот Свиз Биц за пишувањето и продукцијата на песната "Million Dollar Bill" за седмиот студиски албум на Витни Хјустон, I Look to You. Кис побара дозвола од Клив Дејвис за да достави нова песна за албумот. Кис соработуваше и со Џеј Зи за песната "Empire State of Mind" од неговиот албум од 2009 година, The Blueprint 3. Песната се искачи на првото место наBillboard Hot 100 и стана нејзиниот четврти број еден сингл на таа музичка листа. Свиз Биц во мај 2009 година изјави дека е во романтична врска со Кис. Бостон Глоб соопшти „Свиз и неговата сопруга Машонда во моментов се вплеткаа во горчлив развод. Тој секогаш ги негираше извештаите во кои Алиша беше обвинета за распаѓањето на неговиот брак“.

Наредниот месец Американското друштво на композитори, автори и издавачи ја почести Кис со наградата „Златна нота“, награда доделена на изведувачи „кои имаат постигнато исклучителни моменти во кариерата“. Таа соработуваше со со шпанскиот изведувач Алехандро Санз за песната "Looking for Paradise", која се искачи на првото место на Hot Latin Songs. Кис го издаде нејзиниот четврти студиски албум, The Element of Freedom, во декември 2009 година. Албумот дебитираше на второто место на Billboard 200, со продадени над 417 000 копии во првата недела. Како дел од промоциското патување за албумот, Кис настапи на Кајман Ајленд џез фестивалот на 5 декември, последната вечер од тродневниот фестивал кој се емитуваше на Black Entertainment Television (BET). Првиот сингл од албумот, "Doesn't Mean Anything", се искачи на 60-тото место на Billboard Hot 100. Кис беше рангирана како најдобар R&B изведувач на декадата 2000-2009 година од магазинот Билборд и беше рангирана на петтото место како изведувач на декадата, додека пак нејзината песна "No One", беше рангирана на 6-тото место од песните на декадата според магазинот. Во Велика Британија “The Element of Freedom” стана првиот албум на Кис кој бил на врвот на UK Albums Chart.

Во мај 2010 година претставник за Кис и Свиз Биц потврди дека тие се свршени и дека очекуваат дете заедно. За време на Светското првенство ФИФА 2010, парот се венчаа и го благословија нероденото дете во Зулу церемонија, која што се одржа во предградието Илово во Јужна Африка. Кис и Свиз Биц свадбената церемонија ја одржаа на францускиот остров Корзика на 31 јули 2010 година. На 14 октомври 2010 година во Њујорк, Кис роди син, Египет Дауд Дин.

Музички стил[уреди]

Како успешен пијанист, Кис го вклучува пијаното во мнгу од нејзините песни и најчесто пишува за љубовта, скршеното срце и еманципирањето на жената. Таа има цитирано неколку музичари како нејзина инспирација, вклучувајќи ги Принц, Нина Симон, Барбра Стрејсенд, Марвин Геј, Квинси Џонс, Дони Хатавеј и Стиви Вондер. Стилот на Кис има корени од госпел музиката и класичната соул музика, дополнета со бас и програмирани звуци на тапани. Таа во голема мера го вклучува и класичното пијано со R&B, соул и џез во нејзината музика. Започна да експериментира и со други жанрови, вклучувајќи поп и рок во нејзиниот трет студиски албум, As I Am, премин од нео соул во R&B звук од ‘80-тите и ‘90-тите за нејзиниот четврти албум The Element of Freedom. Патрик Хугуенин од Њујорк Дејли Њуз изјави дека нејзината употреба на класичното пијано придонесе за нејзиниот огромен успех. Магазинот Џет изјави дека таа „царува“ допирајќи ги нејзините фанови со „пијано мајсторството, зборовите и мелодичниот глас“. Индепендент го опиша нејзиниот стил како стил составен од „бавен блуз споен со хип-хоп бит“, истакнувајќи дека нејзините стихови „ретко залутуваат од прашањата на срцето“. Магазинот Блендер ја опиша Кис како „првиот нов поп изведувач на милениумот способен да ја промени музиката“.

Кис свири на пијано за време на нејзиниот настап, опкружена со три придружни вокали

Кис има вокал како алт, кој се протега на три октави. Често именувана како „Принцезата на соулот“, Кис беше пофалена дека има силен, остар и страстен глас. Други пак, сметаат дека нејзиниот глас е „емоционално произведен“ во моментите кога ќе го пушти својот глас повеќе од вообичаено. Пишувањето на Кис честопати е критикувано дека има недостиг на длабочина што придонесе нејзините пишувачки способности да се нарекуваат ограничени. Нејзините стихови се нарекувани генерични, клише, а нејзините песни се сметани за обични. Грег Кот од „Чикаго трибјун“ смета дека тааа „(боцка) наоколу за мулти-форматирани хитови наместо да се обидува да проектира некаков вид на уметничка визија“. За разлика од тоа, Џон Парелес од магазинот Блендер изјави дека музичкиот состав на нејзините песни ја надополнува слабоста на нејзините стихови, додека пак Грегори Стефан Тејт од Вилиџ Воис ги спореди пишувањата и продукциите на Кис со музиката од ‘70-тите години.

Џоана Ханкин од Нов Зеланд Хералд разгледуваше еден од настапите на Кис, каде што присуствуваше и Кајли Миног. Таа ја опиша реакцијата на Миног за настапот на Кис велејќи „очигледно беше дека и таа е само уште еден фан како и 10 000 други луѓе во арената Вектор“. Продолжи велејќи дека Миног е „оригиналната поп принцеза која се поклонува на денешната модерна кралица на соулот“. Ханкин го опиша почетокот на настапот на Кис како „вртоглава претстава“, а нејзината енергија како „високо-октанска енергија која повеќето бендови ја чуваат за крајниот дел“. На крајот на својот двочасовен настап, фановите „вриштеа, скокаа и молеа за втор бис“. Хилари Кросли и Мариел Концепсион од магазинот Билборд изјавија дека нејзините настапи се „крајно координирани“, а вниманието на публиката „постојано се одржува“. Настапот заврши со аплауз на отворена сцена и Кис „докажа дека динамичната изведба помешана со супериорна музикалност секогаш успева“. Во текот на својата кариера, Кис има добиено бројни награди и се наоѓа на листата на американската RIAA за најпродаван изведувач во САД, со 15 милиони сертифицирани албуми. Таа има продадено над 30 милиони албуми низ светот и е една од најпродаваните изведувачи на нејзиното време.

Филантропија[уреди]

Кис настапува на Live Earth концертот

Кис е ко-основач и глобален амбасадор на „Да го спасиме детето“, непрофитна организација која обезбедува лекарства на семејствата заболени од вирусот ХИВ и СИДА во Африка. Кис и водечкиот вокал на групата У2, Боно, снимија преработка на песната од Питер Габриел и Кејт Буш, "Don't Give Up", за „Светскиот ден за борба против сидата“ во 2005 година. Песната на Кис и Боно беше насловена како "Don't Give Up (Africa)" со цел да се одрази природата на добротворната акција. Кис ги посети афричките земји како Уганда, Кенија и Јужна Африка за да даде помош за децата заболени од СИДА. Нејзината работа во Африка беше прикажана во документарниот филм „Алиша во Африка: Патување до татковината“ кој беше издаден во април 2008 година.

Кис исто така даваше донации во Frum tha Ground Up, непрофитна организација која им помага на децата и тинејџерите доделувајќи им стипендии. Таа настапи во Филаделфија, Пенсилванија како дел од светските концерти Live 8 со цел да ја зголеми свеста за сиромаштијата во Африка и да изврши притисок врз Г8 за да преземат мерки. Во 2005 година Кис настапи на ReAct Now: Music & Relief и Shelter from the Storm: A Concert for the Gulf Coast, две добротворни програми кои собираат пари за погодените од ураганот Катрина. Во јули 2007 година, Кис и Кит Урбан ја изведоа песната "Gimme Shelter" на Ролинг Стоунс од 1969 година, како дел од концертите Live Earth, на стадионот Џајантс во Ист Рутерфорд, Њу Џерси.

Кис ја изведе песната "Someday We'll All Be Free" на Дони Хатавеј од 1973 година на телевизиските добротворни концерти „Америка: Почит за хероите“ по нападите од 11 септември. На 11 декември 2007 година Кис, како и други разни изведувачи, настапи на концертот за Нобеловата награда за мир којшто се одржа во арената Осло Спектрум во Осло, Норвешка. Таа сними и песна за демократскиот кандидат за претседател, Барак Обама. Кис им се придружи и на Џош Стоун и Џеј Зи за главната музичка тема за кампањата на Обама. За нејзината работа Кис беше почестена со „Хуманитарна награда“ на BET наградите во 2009 година. Кис ја изведе песната "Prelude to a Kiss", пренасловена од "Send Me an Angel", од нејзиниот албум As I Am од 2007 година, за телетонот „Надеж за Хаити сега: Глобална корист за земјотресна помош“ како реакција на земјотресот во Хаити во 2010 година.

Дискографија[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Дискографија на Алиша Кис.

Турнеи[уреди]

Наводи[уреди]