Алексо Демниевски - Бауман

Од Википедија — слободната енциклопедија
Статуа на Алексо Демниевски - Бауман во Велес

Алексо Демниевски - Бауман (Велес, 10 септември 1905 - Белград, 5 септември 1961) — македонски комунист, учесник во Шпанската граѓанска војна (1936-1939) и во НОБ од 1944 година.

Комунистички и синдикален активист[уреди | уреди извор]

По завршувањето на четврт клас гимназија го напушта школувањето поради тешката економска ситуација на семејството и работи како чевларски работник. Во 1924 станува член на работничката младина, а од 1926 година е член на КПЈ. Станува член и на Синдикалниот совет и секретар на секцијата на кожарските работници.

Во СССР[уреди | уреди извор]

Во втората половина на 1928 година е испратен во СССР, каде што се запишува на Школата за националните малцинства на Западот. Во 1932 година ја завршува школата, а во 1934-1935 година поминува и одредена обука во Црвената армија. Во септември 1936 година, по одлука на КПЈ, заминува за Југославија каде требал да го преземе раководењето со Покраинскиот комитет за Македонија. Но, во Виена, по 20-тина денови чекање, му е соопштено дека каналот за префрлање во Југославија е провален по што, наместо за Македонија, Демниевски решава да замине за Шпанија.

Шпанија[уреди | уреди извор]

Во Шпанија пристигнува во октомври 1936 година. Упатен е на југот на Шпанија, на фронтот во Кордоба. По формирањето на Балканската чета во составот на 14-та интернационална бригада, Бауман е назначен за политички секретар и е упатен на фронтот кај Гвадалахара. Во мај 1937 година се формира баталјонот „Ѓуро Ѓаковиќ“, а Демниевски е назначен за негов командант. По завршувањето на тешките воени операции кај Сарагоса, во септември 1937 година Демниевски добива чин мајор и е командант на групацијата на 45-та дивизија, од која подоцна се формира 129-та балканско-чешка интернационална бригада „Георги Димитров“, чиј командант е Демниевски.[1]

Додека е во Шпанија, во Македонија како резултат на честите провали е обезглавена Комунистичката партија и Јосип Броз Тито прави напори Демниевски да се врати во Македонија и да застане на чело на македонското комунистичко движење. Сепак до тоа не доаѓа и Демниевски останува во Шпанија.

Во август 1938 е ранет во борбите на Арагонскиот фронт и му е ампутирана ногата.[2] Префрлен е во Париз, откаде во април 1939 година е префрлен во СССР на лечење.

Повторно во СССР[уреди | уреди извор]

По враќањето од лекување во 1941 година врши разни воени и политички должности во Москва. Но, неговото здравје повторно се нарушува и е испратен на лекување во Памир, Киргистан. На 15 јуни 1944 година во Москва се формира наставен центар, а за негов комесар е поставен Демниевски. На оваа должност останува до крајот на 1944 година, кога се враќа во Југославија.

Враќање во Југославија[уреди | уреди извор]

На 1 јануари 1945 година Демниевски е поставен за политички комесар и командант на Петнаесеттиот македонски корпус. Учествува во борбите на Сремскиот фронт. Неговиот корпус на 13 април 1945 година учествува во ослободувањето на Винковци, Славонска Пожега, Славонски Брод, Загреб и Цеље.

По ослободувањето на земјата врши воени функции и станува генерал-потполковник на ЈНА.[3]

Во негова чест, касарната на АРМ во Велес го носи неговото име.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Н. М. „Легендарниот Бауман“, „Вардарски глас“, 25 септември 1981, 2 стр.
  2. Браќа Константинови „Чарли“, Битола, 1961, 53 стр.
  3. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 451 стр.

Литература[уреди | уреди извор]

  • „Во интернационалните бригади на Шпанија“, „Нова Македонија“, 10-13 октомври 1986.