Адам (од Македонија)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Адам од Македонија или Адам од Говрлево — назив на мала керамичка фигура на машко торзо во седечка положба, откриена во 2000 година на археолошкото ископување на локалитетот Говрлево (крај Скопје). Со истражувањата раководеше археологот Милош Билбија од Музејот на град Скопје, кој артефактот го пронајде на последниот ден од октомвриските теренски истражувања на границата помеѓу културните слоеви кои припаѓаат на неолитот и енеолитот.

Фигурината која е датирана помеѓу IV и III милениум п.н.е представува еден од десетте уникатни археолошки наоди во светот. Веднаш по самото пронаоѓање го доби епитетот „милениумско откритие“. На почетокот од страна на М. Билбија беше именуван како „Адам од Говрлево“, но за потребите на правење бренд, беше преименуван во ,,Адам од Македонија"[1].

Адам има необична уметничка обработка. Тоа е еден нецелосно сочуван обид за представа на маж фатен во момент на физичка или духовна активност. Ова машко тело поставено во седната позиција има нагласена анатомија, длабоко вовлечен стомак, истакнат папок, добро дефинирани мускули, видлив ‘рбет, па дури и скршен фалус.

Ремек-делото со експилицитно реалистична уметничка форма, на пошироката публика за прв пат и беше презентирано на 30 Септември 2006, во рамките на манифестацијата ,,Бела ноќ”.

Во моментот наодот може да се погледне во поставката на Музеј на Град Скопје.

Наводи[уреди]

  1. М. Билбија, Адам од Македонија, Бизнис Каталог - 2006, Агенција за маркетинг и издавачка дејност - Марили, 2006, 20-23

Надворешни врски[уреди]