Абонос

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Статуетки на слонови од Шри Ланка, направени од абонос. Во овој случај, најверојатно се работи за цејлонски абонос. (Diospyros ebenum)

Абонос е општо име за многу густо црно дрво. Во потесна смисла на зборот, тоа се произведува од повеќе видови во родот Diospyros, но и други тешки, црни (или темни) дрва (од други целосно неповрзани дрва) понекогаш се нарекуваат абонос. Најпознатиот абонос се добива од Diospyros еbenum, дрво кое расте во јужна Индија и Шри Ланка. Ова дрво се нарекува цејлонски абонос.

Основните својства на абоносот се црната боја и големата густина. Овие карактеристики не се вродени, бидејќи тие се предизвикани од болест на срцевината на дрвото. Поради фината текстура и можноста за глатко полирање, абоносот е многу ценет како орнаментално дрво.

Зборот абонос потекнува од старогрчкиот збор ἔβενος (од зборот со египетско потекло хбнј) кој се употребувал за ова дрво уште во стариот Египет, каде се употребувал за различни мали скапоцени предмети.

Diospyros[уреди]

Diospyros
Абоносова шума.
Научна класификација
Царство: Растенија
Оддел: Скриеносеменици
Класа: Дикотиледонски растенија
Поткласа: Asteridae
Ред: Ericales
Фамилија: Абоносови
Род: Diospyros

Абоносот најчесто се добива од срцевината на повеќе видови на дрва од фамилијата Абоносови (Ebenaceae), од родот Diospyros. Тие се наоѓаат во тропските региони на Стариот свет и се познати уште од антиката по црната боја на дрвото.

Само припадниците на родот Diospyros со црна или темна боја се нарекуваат абонос. Јапонското јаболко (Diospyros kaki), на пример, иако близок по ботаничката класификација, не претставува абонос.

Пругаст абонос.

Се среќаваат најразлични видови на абонос. Некои видови од родот Diospyros даваат т.н. пругаст абонос, со слични физички својства, кој не е целосно црн, туку пругаст. Многу видови во родот воопшто не даваат абонос, иако може да се користат како огревно и градежно дрво (како во случајот со американската слипа, Diospyros virginiana).

Цејлонскиот абонос (Diospyros ebenum) е најпознатиот вид на абонос. Тоа е тропско зимзелено дрво кое расте во јужна Индија и Шри Ланка. Достигнува до 20-25 метри височина. Плодот е мал - до 2 цм во дијаметар. Се работи за загрозен вид. Се користи за изработката на музички инструменти, а во минатото од него се правеле црните шаховски фигури.