Абецедар

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
„Абецедар“  
Наслов на
оригиналот
Abecedar
Земја Егејска Македонија, Грција
Јазик Македонски
Издадена прво издание: 1925 година во Атина;
второ издание: 2006 година во Солун

Абецедар е буквар на македонски јазик за македонското национално малцинство во Грција, подготвен од специјална комисија на грчката влада (Папазахариу, Сијакцис и Лазару), под меѓународен притисок и покровителство на Друштвото на народите во Женева, отпечатен во Атина во 1925 на прилепско-битолско-лерински народен говор со специјално приспособена латинична азбука и со нагласено фонетски правопис.[1] Целта со издавањето на таа вредна книга во развитокот на македонскиот јазик и култура е едуцирање на македонското население во Егејска Македонија. Со самиот факт што тој дел на Македонија потпаднал под грчка контрола, на македонското население му била укината можноста да се образува на својот мајчин јазик. Со издавањето на Абецедарот се направил голем чекор кон остварување на таа цел, но за жал за многу кратко време. Имено, Абецедарот бил набрзо укинат од страна на грчката влада, а со тоа е изгубена и единствената врска на Македонците со својот јазик сѐ до 2006 година. Во 2006 година е дозволено повторно преиздавање на Абецедарот на македонски јазик и е испечатен во Солун. Второто издание на Абецедарот го оживеа македонскиот народ а со тоа и заживување на македонскиот дух во делот на Егејска Македонија и тоа е овозможено благодарејќи на политичката партија на Македонците во Егејска Македонија - Виножито. Во новото издание се вклучени старото издание на Абецедарот, новото издание на Абецедарот, предговор и други неколку статии.

Карактеристики на Абецедарот[уреди]

Абецедарот е направен врз основа на битолско-леринското наречје и неговиот зборовен фонд е најчесто од тој говор. Карактеристика на Абецедарот е тоа што се користи латиницата како азбука со неколку карактеристични букви што ги нема во стандардниот македонски јазик. Азбуката се состои од 29 букви од кои две ги нема во стандардниот македонски јазик. Исто така во Абецедарот се користат и неколку диграфи и триграфи со кои се претставуваат гласовите Ѓ, Ќ, Љ, Њ во комбинација со самогласки. Двете карактеристични букви на Абецедарот се Î и Ü со кои се означувале гласовите /ɘ/ и /y/. Како дел од азбуката е и буквата Ѕ која е карактеристична за македонскиот јазик.

  • Азбуката на првото издание на Абецедарот со кирилична еквиваленција:Aa /а/, Bb /б/, Cc /ц/, Čč /ч/, Dd /д/, Ee /е/, Ff /ф/, Gg /г/, Hh /х/, Ii //и, Îî / ' или ɘ/, Jj /ј/, Kk /к/, Ll /л/, Mm /м/, Nn /н/, Oo /о/, Pp /п/, Rr /р/, Ss /с/, Šš /ш/, Tt /т/, Uu /у/, Üü /ʏ/, Vv /в/, Zz /з/, Žž /ж/, Dz dz /ѕ/, Dž dž /џ/.
  • Диграфи и триграфи: јa /ја/, јe /је/, јo /јо/, kja /ќа/, lja /ља/, nja /ња/, kjo /ќо/, ljo /љо/, njo /њо/, gja /ѓа/, gjo /ѓо/, ae /ае/, ei /еи или ој/, oi /ои или ој/.

Опис на некои букви[уреди]

Буквата Ѕ во првото издание
Буквата Џ од првото издание
  • Ü- буквата Ü го претставува гласот /ʏ/. Тој глас го нема во стандардниот македонски јазик и е еднаков по вредност на германската и турската буква Ü и албанската буква Y. Оваа буква во македонскиот јазик се користела само во Абецедарот и најверојатно е здобиена од влијание на турскиот јазик.
  • Î- буквата Î во Абецедарот го претставува гласот /ɘ/. Денес тој не се смета како глас во стандардниот македонски јазик туку е полуглас и најчесто се сретнува пред буквата Р каде тогаш буквата Р добива вредност на самогласка. Гласот се сретнува во многу јазици како на пример во албанскиот јазик е претставен со симболот Ë, во турскиот јазик е претставен со буквата I а во бугарскиот јазик со буквата Ъ.

Примери од првото издание[уреди]

  • Našata kukja je visoka. (Нашата куќа е висока.)
  • Gjorče et edno arno dete. (Ѓорче е едно добро дете.)
  • Moite brakja set vo čusdžna. (Моите браќа се во странство.)

Второто издание[уреди]

Во второто издание, покрај првиот дел, го има и новиот дел во којшто се користи стандардната македонска кирилица и правопис за разлика од првото издание. Исто така во првото издание на Абецедарот бил вклучен и посебен дел за граматика каде се разработуваат личните заменки, присвојните заменки, прилози за време и место, и глаголи. Сиот материјал обработен во овој Абецедар поддржан е со текстови инспирирани од секојдневниот живот на луѓето за полесно учење и совладување на материјалот.

Реакции во Грција[уреди]

Корицата на првото издание на Абецедарот

Новото издание на Абецедарот е издадено во 2006 во Солун од страна на македонската политичка партија во Грција Виножито. Целта е да се образува македонското население во Егејска Македонија, бидејќи се во многу тешка позиција заради грчката политика. Повторното издавање на Абецедарот е од историско значење како за Македонците од Егејска Македонија така и за сите Македонци во светот. Тоа е еден прв чекор кон признавање на Македонците во Грција и станување на рамноправни граѓани во рамките на Република Грција. Новото издание го содржи стариот Абецедар и новото издание напишано на стандарден македонски јазик. На почетокот на Абецедарот има неколку статии што се испишани на три јазици: македонски, англиски и грчки јазик. Статиите се следните: Место предговор, Поздрав од Европа, Почитувани и Куса историја на Абецедарот. Издавањето и промоцијата на Абецедарот во Грција била не многу пријатно прифатена, но сепак се изнашло разбирање за потребите на македонците што живеат во Грција.

Надворешни врски[уреди]

Извор[уреди]

  1. Македонска Енциклопедија“. Скопје, Македонија: Македонска академија на науките и уметностите. 2009. стр. 4. ISBN 978-608-203-023-4.