Џозеф Кембел

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај


Џозеф Кембел
JosephCampbellcirca1984.jpg
Џозеф Кембел околу 1984 година
Роден 26 март 1904
САД Вајт Плејнс, Њујорк
Починал 30 октомври 1987
САД Хонолулу, Хаваи
Занимање Митолог, религиолог, писател

Џозеф Џон Кембел (26 март 190430 октомври 1987) е американски митолог, писател и оратор најпознат по неговата работа на полето на компаративната митологија и религија.

Кога како мал го посетува Американскиот музеј за национална историја, Кембел толку многу се восхитува од артефактите на американските староседелци што уште тогаш ја развива својата животна опсесија: митот и заедничките обележја на различните култури, особено на оние кои никогаш и не биле во контакт.

Со образование се здобива во САД (на Универзитетот Колумбија) и Европа (каде ги посетува Парискиот и Минхенскиот Универзитет). За неколку месеци научува и француски и германски, јазици кои течно ги зборува до крајот на својот живот. Поради несогласувања со раководството на својот матичен универзитет, Кембел се откажува од понатамошното школување и обидот да се здобие со докторат.

Големо влијание врз Кембеловата философија имаат Карл Јунг, Фридрих Ниче, Зигмунд Фројд, Џејмс Џојс, Томас Ман и Артур Шопенхауер. Улогата на херојот и структурата на мономитот се најпознати плодови на неговата работа, творби чие влијание ги надминува границите на компаративната митологија. Впрочем, по излегувањето на првиот филм од серијалот Војна на ѕвездите во 1977 година, режисерот Џорџ Лукас ќе рече дека приказната е обликувана преку идеите обработени во Херојот со илјада лица од страна на Кембел.


Живот[уреди]

Детство и образование[уреди]

Џозеф Кембел е роден и израснат во Вајт Плејнс, Њујорк Сити, Њујорк[1] во богато семејство со римокатоличка вероисповест. Како дете Кембел се воодушевува од културата на американските староседелци откако заедно со својот татко го посетува Американскиот музеј за национална историја во Њујорк и ги здогледува артефактите со индијанско потекло. Наскоро почнува да истражува разни аспекти од нивниот живот и особено станува заинтересиран за северноамериканската митологија. Ова придонесува кај младиот Кембел да се развие неговата животна опсесија: интересот за митот и заедничките обележја на различните култури, особено на оние кои никогаш и не биле во контакт. Додека учи на колеџот Дартмут се запишува на биологија и математика, но со време сфаќа дека повеќе ги сака општествените науки. Се префрла на Универзитетот Колумбија каде се здобива со диплома по англиска книжевност во 1925 година; со титула магистер се здобива по две години по средновековна книжевност. Кембел се истакнува и како одличен спортист - се закитува со неколку атлетски медали во текот на неговите студии.

Европа[уреди]

Во 1927, Кембел добива стипендија за го продолжи своето школување во Европа. Учи стар француски и санскритски јазик на Парискиот универзитет во Франција и на Универзитетот во Минхен, Германија. Набрзина научува да зборува и пишува на француски и германски јазик и само по неколкумесечно ригорозно и посветено учење ги усовршува своите познавање. Течно ги зборува и двата јазици до крајот на својот живот.

Неговите студии во Европа се поистоветуваат со епохата на Изгубената генерација, период на многу новини и иновации во областа на уметноста. Кембел објаснува дека токму ова, а особено дејноста на Џејмс Џојс, оставило голем печат врз неговото творештво во Патувањето на херојот: Џозеф Кембел за својот живот и работа (издадена 1990 година):

КЕМБЕЛ: ...И фактот што Џејмс Џојс ме грабна. Го знаете она прекрасно чувство кога сте во домен на фантазија што има некакво значење, кое по потекле е ирско и го има во артурските романси; го има и кај Џојс; го има и во мојот живот.
КУЗИНО: Дали се идентификуваше со Стивен Дедалус... во Џојсовата 'Портрет на уметникот како млад човек'?
КЕМБЕЛ: Неговиот проблем, всушност, беше мој проблем... Џојс ми овозможи да го разберам универзалното значење на тие симболи... Џојс се одвои и го напушти лавиринот на, би можеле да речеме, ирската политика и црква за да отиде во Лондон, каде станува еден од највлијателните членови на ова величенствено движење што ја опфаќаше Европа во периодот кога јас бев таму, во 20-тите.

Во овој период Кембел се запознава и со творештвото на Томас Ман, кој ќе се покаже исто толку влијателен како и Џојс врз неговиот живот. Додека е во Европа, Кембел се запознава и со модерната уметност, особено восхитувајќи се од делата на Пол Кле и Пабло Пикасо. Свет на нови и неистражени идеи му се отвара во Европа. Овде се запознава и со делата на Зигмунд Фројд и Карл Јунг. Во овој период, се запознава и спријателува со младиот Џиду Кришнамурти, пријателство од кое ќе се изнедри Кембеловиот доживотен интерес за хинду философијата и религијата. Затоа по смртта на познатиот индолгист Хајнрих Цимер, токму на Кембел ќе му биде доделена задачата да ги уреди и постхумно издаде најзачајните творби на германскиот историчар.

Враќање во САД и периодот на Големата Депресија[уреди]

Кога се враќа во 1929 година во родната земја, Кембел му соопштува на раководството на неговиот универзитет дека сака да учи санскрит и модерна уметност како додаток на неговиот главен предмет средновековна книжевност. Откако советниците нема да му го дозволат ова, Кембел се одлучува да се откаже од понатамошното школување и обидот да се здобие со докторат; разочарувањето од оваа одлука ќе го натера Кембел никогаш да не ги дозаврши своите студии.

Неколку недели подоцна, започнува Големата Депресија. Следните пет години (1929-1934) Кембел ги минува размислувајќи што понатаму да прави во својот живот, посветувајќи се го овој период на интензивно и ригорозно проучување. Во Патувањето на херојот: Џозеф Кембел за својот живот и работа, Кембел вели дека "секој ден го поделувал на четири четири-часовни периоди, од кои три ги искористувал за читање, а еден за слободни активности... Девет часа дневно поминувал читајќи. Пет години со ред."

Една година минува во Калифорнија (1931-32), каде ја продолжува својата истражувачка дејност а се запознава и со писателот Џон Штајнбек и неговата жена Керол, со кои доста ќе се спријатели.

Кембел особено се задржува, при своето истражување, на разработка на идеите на швајцарскиот психолог Карл Јунг, најпрво духовен следбеник на учењето на Зигмунд Фројд, а потоа и негов противник. Уште еден дисидент од Фројдовиот круг на интелектуалци со значајно влијание врз Кембел е Вилхелм Стекел (1868 - 1939). Стекел е пионер во областа на проучувањето на соништата, Фантазијата и несвесното како неодвоив елемент од антропологијата и литературата.

Колеџот Сара Лоренс[уреди]

Во 1934 година, на Кембел му е понудена професорска работа на колеџот Сара Лоренс (по агитацијата на еден од неговите советници на Колумбија - В.В. Лоренс). Кембел се венча со една од своите поранешни студентки, танчерката и професорка по танц Џин Ердман во 1938 година. Се пензионира во 1972 година по 38 години поминати како професор во Сара Лоренс.

Смрт[уреди]

Џозеф Кембел умира на возраст од 83 години, на 30 октомври 1987, во неговиот дом во Хонолулу, Хаваи, како резултат на компликации предизвикани од рак на хранопроводот само два месеци по комплетирањето на снимањето на интервјуто Моќта на митот со Бил Мојерс.

Избрани дела[уреди]

Раниот период: Џејмс Џојс и друго[уреди]

Како што е наведено погоре, Џејмс Џојс е големо влијание врз творештвото на Кембел. Впрочем првото поважно дело на Кембел (работено заедно со Хенри Мортон Робинсон), Клуч за Финегановото бдеење [2] (1944) е критичка анализа на последниот Џојсов текст Финеганово бдеење. Џојсовото семинално дело, Херојот со илјада лица, која го обработува она што Џојс ќе го нарече мономит - циклусот на патувањето на еден херој - е идеја што тој му ја припишува токму на ова дело на Џојс (Кембел, 1949:30).

Маските на Бог[уреди]

Неговото капитално четири-томно дело Маските на Бог разработува митологии од различни делови на светот, почнувајќи од античките до модерните епохи. Ако Херојот со илјада лица се фокусира на општите места во различните митологии (т.н. “елементарни идеи”), Маските на Господ ги разгледува историските и културни варијации на мономитот (т.е. “народните идеи”). Со други зборови, Херојот со илјада лица повлекува паралела меѓу митологијата и психологијата, Маските на Бог врските ги бара на линија митологија - антропологија - историја. Четирите различни книги кои го комплетираат циклусот Маските на Бог ги носат следниве наслови: Примитивна митологија, Ориентална митологија, Окцидентална митологија и Креативна митологија.

Историски атлас на светската митологија[уреди]

Во времето на својата смрт, Кембел работи на огромниот, раскошно илустриран Историски атлас на светската митологија. Овој циклус се развива врз една првобитна идеја, зачната од Кембел во Херојот со илјада лица, според која митот еволуира низ четири фази:

Патот на животинските моќи -- митовите на палеолитските ловци кои се фокусираат на шаманизам и зооморфни претстави на тотеми.

Патот на посеаната земја -- митовите на неолитските, аграрни култури изградени околу култот на плодноста и фигурата на Големата Мајка.

Патот на небесната светлост -- митовите на градовите-држави од бронзеното доба чии пантеони секогаш се составени од богови сместени на Небото; врховен бог во овие заедници речиси секогаш е еден омнипотентен машки бог.

Патот на човекот -- религијата и философијата развиена по аксијалното доба (околу 6-ти век п.н.е.), кога митските слики од претходните епохи се метаморфозираат во симболични претстави на психо-духовни, а не литерарно-историски појави. Оваа транзиција за Кембел е особено видлива на Исток, во будизмот, Ведантата и философскиот Таоизам; на Запад пак, се забележува кај мистериските култови, платонизмот и гностицизмот.

Само првите две книги се комплетирани пред смртта на Кембел. И двете повеќе не се продаваат.

Моќта на митот[уреди]

Најголема популарност Кембел добива по соработката со Бил Мојерс и интервјуто на PBS Моќта на митот, за првпат емитувано во 1988 година, една година по смртта на митологот. Во шест-часовното интервју Кембел ги изложува своите ставови за митолошките, религиските и философските архетипови со таква полетност и занес што милиони гледачи ширум светот остануваат восхитени и оддушевени од неговите зборови. До денес, оваа емисија која ги документира ставовите на Кембел нема изгубено ниту малку од актуелноста и убавината. Придружна книга, Моќта на митот, која во главно содржи опширни транскрипции на разговорите на Мојерс и Кембел, е издадена малку по оригиналното емитување. Книгата станува бестселер.

Ти си тоа: трансформација на религиските метафори[уреди]

Неодамна издадената книга Ти си тоа: траснсформација на религиските метафори во основа е компилација на ставовите на Кембел од различни периоди во неговиот живот. Во неа, Кембел пишува:"...често се мисли дека митологијата е религија на другите луѓе, а религијата погрешно разбрана митологија." Со други зборови, Кембел не ги чита религиските идеи како историски точни факти, туку како симболи и метафори на многу повиши идеали.

Во интервјуто со Бил Мојерс, Моќта на митот, Кембел ја заговара истата идеја:

КЕМБЕЛ: Тоа би било погрешно читање на симболот. Тоа би значело прозно, а не поетско читање, читање на метафората од денотативен, место од конотативен аспект.
МОЈЕРС: А поезијата стигнува до невидената реалност.
КЕМБЕЛ: До она што е подалеку од самиот концепт на реалноста, она што трансцендира и зад самиот разум. Митот те остава таму постојано, ти овозможува поврзување со мистеријата која всушност и си (Кембел, 1988:57).

Кембеловите идеи[уреди]

Кембел често се навраќа на ставовите на Карл Јунг и во нив бара појаснување на низа психолошки феномени, искусени низ разни архетипови. Но самиот не се сложува секој пат со мислењата на швајцарскиот психолог, па полемизирајќи со него, развива низа сопствени идеи.

Фундаменталното уверување на Кембел е дека сета спиритуалност е потрага по една иста основа, непозната сила од која доаѓа сѐ, во која сѐ постои, во која сѐ ќе мора да се врати. Оваа елементарна сила е во крајна линија “неспознајна” бидејќи постои уште од пред појавата на зборот и знаењето. Иако оваа основна движечка сила не може да се изрази со зборови, духовните ритуали и приказни ја повикуваат по пат на употреба на "метафори" - овие метафори се отелотворени во митовите, боговите и спиритуалните објекти со кои можеме да се сретнеме во светот. Оттука, дури ни книгата Битие од Библијата не треба да се свати како опис на реални настани, туку треба да се истражува нејзиното поетско, метафорично значење кое се обидува да ги разоткрие фундаменталните идеи за светот и нашето место во него.

Затоа Кембел верува дека сите светски религии се само различни “маски” на една иста фундаментална, трансцедентна вистина. Сите религии, вклучувајќи го и христијанството и будизмот, се извор за едно повишо сфаќање на реалноста, за нејзино поистоветување со идејата за дуалност, за постоење на “опозитни парови” како Битие и Небитие, Добро и Зло. Во полза на ова, во предговорот на Херојот со илјада лица, Кембел пишува Ekam Sat Vipra Bahuda Vadanthi, односно цитира една позната пословица од Р'г Ведата: "Вистината е Една, мудреците зборуваат за неа користејќи различни имиња."

Кембел е фасциниран, од, според него општите, универзални вистини, манифестирани во раѕлични облици на различни места во светот. На пример, во споменатиот предговор на Херојот со илјада лица, Кембел вели дека неговата цел е да ги прикаже сличностите меѓу источните и западните религии. Во неговата четири-томна Маските на Бог, Кембел ги расплетува главните митолошки нишки кои ги создаваат светските митологии. Една од неговите идеи е дека единственоста на светските митологии е резултат на типолошки аналогии, предизвикани како последица на едно заедничко географско потекло на светските митологии, чии почетоци може да со лоцираат на плодните долини на Европа во бронзеното доба; оттука нивното движење може да се следи кон Левантот и "плодородниот полумесец" на Месопотамија за повторно да се врати во Европа (и Блискиот Исток), каде се смешува со новоформираните индоевропски (ариски) култури.

Херои и мономитот[уреди]

Улогата на херојот е една од главните преокупации на Кембеловите компаративни студии. Во 1949 година, Херојот со илјада лица ја воведува идејата за постоење на мономит (збор преземен од Џојс, како што е веќе спомнато погоре), кој јасно треба да ги отцрта контурите на првобитниот архетип. Хероите се важни за Кембел, бидејќи, за него, тие ги содржат универзалните вистини за човековото само-откривање и само-трансцеденција, за човековата улога во заедницата, како и односот што треба да се воспостави меѓу нив две.

Влијание[уреди]

Луѓето што влијаат врз Кембел[уреди]

Кембел често се навраќа на идеите на Џејмс Џојс и Томас Ман во своите предавања и текстови. Антропологот Лео Фробениус има големо влијание врз Кембеловото сфаќање за културната историја. Често вели дека најважна книга за неговиот интелектуален развој е Пропаста на Западот на Освалд Спенглер.

Кембеловите идеи за митолгијата и нејзината поврзаност со човековата психа се длабоко поврзани со сфаќањата на Карл Јунг, чии студии за човечката психологија имаат големо влијание врз Кембел. Кембеловото сфаќање за митот е во голема мера инспирирано од начинот на кој Јунг ги интерпретира сништата, што пак во голема мера се заснова на универзалноста на симболите. Јунговите ставови од своја страна се бзираат на книгата Бардо Тодол (уште попозната како Тибетанската книга на мртвите). Во неговиот текст од 1981 година Митската слика, Кембел го цитира мислењето на Јунг за Бардо Тодол, кое гласи дека книгата "припаѓа на онаа категорија записи кои не се интересни само за специјалистите на Махајана будизмот, туку истовремено, поради нивната длабока хуманост и спокојниот прониклив поглед во тајните на човековата психа, особено се интересни и за обичните луѓе кои се во потрага по проширување на свесноста за сопствениот живот"... "со години, уште од првото објавување впрочем, Бардо Тодол е мој постојан придружник и на нејзе ѝ должам не само многу стимулативни идеи и откритија, туку и најголем дел од моите фундаментални ставови." (Кембел 1981: 392).

Кембел останува најпознат по својата философија: Следи го своето блаженство (follow your bliss). Истата, која тој ја промовира во текот на своето интервју со Мојерс е веројатно инспирирана од книгата Бебит на Синклер Луис од 1922 година. Во Моќта на митот Кембел вели:

КЕМБЕЛ: "Си ја читал ли некогаш 'Бебит' на Синклер Луис?
МОЈЕРС: "Не, веќе долго време."
КЕМБЕЛ: "Се сеќаваш ли на последната реплика? 'Го немам направено она што го сакав цел мој живот.' Е тоа е човек што никогаш го нема следено своето блаженство." (Кембел, 1988:117)

Кембел учи митологија кај професорот Хајнрих Цимер уште додека како лад студент ја посетува Колумбија. Цимер ќе го научи Кембел дека митот (а не гуруто или духовниот водач) може да има улога на личен ментор, и дека приказните конструираат една психолошка патна карта за наоѓање на излез од лавиринтот на сложениот модерен свет. Цимер повеќе се посветува на значењето на митовите (нивните симболи, метафори, сликовитост, итн.) како извор за психолошка реализација а не како причина за психоанализа. Кембел потоа позајмува од интерпретативните техники на Јунг и ги преобликува на начин што се доближува до Цимеровите ставови - толкување директно од светската митологија. Ова е многу важна дистинкција бидејќи ни овозможува да сфатиме зашто Кембел не ги следи Јунговите стапки без притоа да внесе нешто ново и оригинално во нив.

Влијание на Кембел врз филмската индустрија[уреди]

Џорџ Лукас е првиот режисер од Холивуд кој отворено го признава влијанието на Кембел врз неговите дела. Веднаш по излегувањето на првиот филм од неговиот серијал Војна на ѕвездите во 1977 година, Лукас ќе рече дека приказната е обликувана, делумно преку идеите обработени во Херојот со илјада лица од страна на Кембел. Врската меѓу Војната на ѕвездите и Кембел станува поизразена во подоцнежниот период кога на корицата на следните изданија на Кембеловото дело е прикажан Марк Хамил како Лук Скајвокер на насловната страница.[3] Лукас зборува за ова влијание во рамките на официјалната биографија на Кембел, Џозеф Кембел: Оган во умот од Стивен и Робин Ларсен:

[Лукас] заклучив по Американски графити дека важно е за мене да поставам стандарди, не да им го покажувам на луѓето светот онаков каков што е... во текот на периодот на оваа само-реализација... ми падна на памет дека во основа нема модерна употреба на митологијата... Вестерните беа веројатно последните воопштени американски бајки, кои ни ги откриваа вредностите. Во мигот кога тие исчезнаа, ниту еден друг жанр не им го зазема местото. Во книжевноста се впуштивме во потрага по светот на научната-фантастика... тогаш започнав понапорно истражување на бајките, фолклорот и митологијата, поради што и почнав да ги читам книгите на Џо[зеф]. Претходно немав прочитано ниту една од Џоовите книги... Беше навистина морничаво кога ја читав Херојот со илјада лица бидејќи тогаш сфатив дека првобитната скица на мојата приказна за Војна на ѕвездите следеше класични мотиви... затоа ја продолжив работата врз таа драфт-верзија [на Војна на ѕвездите] следејќи го она што го научив од класичните мотиви и се обидов да ја направам малку поконзистентна... Потоа ја читав 'Маските на Бог' и уште многу други книги (Ларсен и Ларсен, 2002: 541).

Сепак, се до завршувањето на оригиналната трилогија на Војна на ѕвездите во 1983 година, Лукас го немал запознаено Кембел ниту пак присуствувал на некое од неговите предавања.[4]

Документарниот филм од 1988 година Моќта на митот се снима на Лукасовиот Скајвокер ранч. Во текот на своите интервјуа со Бил Мојерс, Кембел дискутира како Лукас го има искористено неговото Патување на херојот во Војна на ѕвездите (IV, V и VI) во обид да ја пресоздаде митологијата за модерните гледачи. 12 години подоцна, во 1999 година, Мојерс и Лукас, снимаат едно интервју по име Митологијата на Војна на ѕвездите со Бил Мојерс и Џорџ Лукас во кое Лукас понатаму ги разработува влијанијата на Кембел врз неговите филмови.[5] Националниот музеј за вселената кон крајот на 1990тите спонзорира изложба наречена Војна на ѕвездите: Магијата на митот, во која понатаму се прикажува на каков начин Кембел учествува во создавањето на приказната на Војна на ѕвездите.[6] Истоимен придружен водич е издаден во 1997 година.

Кристофер Воглер, сценарист во Холивуд, исто така е во голема мера влијаен од Кембел. Воглер има напишано 7-стран потсетник насловен Практичен водич кон херојот со илјада лица,[7], кој станува основа за создавањето на Дизниевиот Кралот Лав. Воглеровиот потсетник подоцна ќе стане книга - Дневникот на писателот: митска структура за писатели.

Џон Дејвид Еберт, постар уредник и соработник во Фондацијата Џозеф Кембел исто тaка признава дека неговата книга Целулоидни херои и механички змејови: филмот како митологија на електронските општества многу им должи на Кембеловата студии.

Контроверзност[уреди]

Неколку години по неговата смрт, неколку критичари на Кембел го обвинуваат митологот за анти-семитизам. Обвиненијата за првпат се појавуваат во статијата на Брендан Гил "Лицата на Џозеф Кембел," издадена на 28 септември 1989 година. Гил, кој се идентификува себеси како пријател на Кембел од Century Association, пишува дека својата статија ја пишува како одговор на големата популарност на Моќта на митот. Професорот по религија Роберт Сегал го поддржува Гил во статијата "Џозеф Кембел за Евреите и јудаизмот". Тука Сегал ја ублажува критиката на Гил велејќи дека ставовите на Кембел се јавуваат, во одредена мера, како резултат на неговата тенденција да биде на моменти остар во својата критика на некои аспекти од организираните религии, за што Кембел, во својата проштална серија предавања, Трансформации на митот низ времето ќе рече дека е негова основна задача.[8]

Најголем дел од научниците воопшто не се согласуваат со воопштените критики на Гил и сосема ја отфрлаат тезата за анти-семитски изглед на Кембеловите ставови. Неколку месеци по појавата на Гиловата статија, Њујоршка рецензија на книги објавува серија писма насловени "Брендан Гил vs. Бранителите на Џозеф Кембел". Сите писма, во главно пишувани од поранешни студенти и колеги на Кембел, ги порекнуваат обвиненијата. Особено професорите Роберта и Питер Маркман ќе се изјаснат дека "биле ужаснати бидејќи овој обид за персонален атентат е извршен без учество на никакви докази." Гил, како одговор на овие писма, продолжува да ги брани своите ставови.

Стивен Ларсен и Робин Ларсен, авторите на биографијата "Џозеф Кембел: Оган во умот," (2002) исто така го искажуваат својот став против, како што тие велат "таканаречените анти-семитски обвиненија". Во текстот тие пишуваат: "Само за да се знае, Кембел не припаѓаше на ниту една организација која негувала каков и да е вид на расна или социјална пристрасност, ниту пак ние сме запознаени за некој начин на кој тој охрабрувал ваков вид на однесување. Во текот на неговиот живот немавме забележано ваков тип на обвиненија кои јавно би побарале од Кембел да искаже некакви фанатистички ставови или пак да биде притиснат да ги предаде своите предрасуди."

Библиографија[уреди]

Книги на Џозеф Кембел[уреди]

  • Кадешто двајцата дојдоа пред својот татко: Навахо воена церемонија (1943)
  • Клуч кон Финегановото бдеење (1944) со Хенри Мортон Робинсон, Harcourt, Brace & Co.
  • Херојот со илјада лица (1949). Pantheon Books. Princeton University Press.
  • Летот на дивиот гусак: истражување со митолошки димензии (1951). Viking Press.
  • Маските на Бог (1959–1968). Viking Press:
    • Том 1, Примитивна митологија (1959)
    • Том 2, Ориентална митологија (1962)
    • Том 3, Окцидентална митологија (1964)
    • Том 4, Креативна митологија (1968)
  • Митови според кои се живее (1972). Viking Press.
  • Еротична иронија и митски форми во уметноста на Томас Ман (1973)
  • Митската слика (1974). Princeton University Press.
  • Длабоките допири на далечната вселена: Метафората како Мит и Религија (1986). Alfred van der Marck Editions.
  • Историски атлас на светската митологија
    • Том I: Патот на животинските моќи (1983). Alfred van der Marck Editions.
      • Дел 1: Митологиите на примитивните ловци и собирачи (1988)
      • Дел 2: Митологијата на Големиот Лов (1988)
    • Том II: Патот на посеаната земја
      • Дел 1: Жртвата (1988). Alfred van der Marck Editions.
      • Дел 2: Митологиите на примитивните садачи: Северна Америка (1989). Harper & Row.
      • Дел 3: Митологиите на примитивните садачи: Средна и Јужна Америка (1989). Harper & Row.
  • Трансформација на митот низ времето (1990). Harper and Row.
  • Придружник на Џозеф Кембел: Размислувања за уметноста на живеењето (1991). уредник Дајен К. Озбон.
  • Митски светови, модерни светови: за уметноста на Џејмс Џојс (1993). уредник Едмунд Л. Епштајн
  • Митската димензија: Избрани есеи (1959-1987) (1993). уредник Ентони фан Куверинг.
  • Бакшиш и брахман: индиски дневници (1954-1955) (1995). уредници Робин/Стивен Ларсен и Ентони фан Куверинг.
  • Ти си тоа: Трансформација на религиските метафори (2001). уредник Јуџин Кенеди, New World Library.
  • Саке и Сатори: азиски дневници - Јапонија (2002). уредник Дејвид Кудлер.
  • Митови за светлината: источни метафори за Вечноста (2003). уредник Дејвид Кудлер.
  • Патишта до блаженство: Митологија и лична трансформација (2004). уредник Дејвид Кудлер.

Книги базирани на интервјуа на Џозеф Кембел[уреди]

Аудио касети од Џозеф Кембел[уреди]

  • Моќта на митот (со Бил Мојерс) (1987)
  • Трансформација на Митот низ времето Томови 1-3 (1989)
  • Херојот со илјада лица: Космогонискиот циклус (читана од Ралф Блум) (1990)
  • Патот на Уметноста (1990—нелиценцирана)
  • Изгубените лекции на Џозеф Кембел Томови 1-9 (со Мајкл Томс) (1993)
  • На крилјата на Уметноста: Џозеф Кембел; Џозеф Кембел за уметноста на Џејмс Џојс (1995)
  • Мудроста на Џозеф Кембел (со Мајкл Томс) (1997)
  • Џозеф Кембел аудио колекција; Том 1: Митологијата и поединецот (1997)
  • Џозеф Кембел аудио колекција; Том 2: Внатрешното патување (1997)
  • Џозеф Кембел аудио колекција; Том 3: Источниот пат (1997)
  • Џозеф Кембел аудио колекција; Том 4: Човекот и митот (1997)
  • Џозеф Кембел аудио колекција; Том 5: Митовите и Маските на Бог (1997)
  • Џозеф Кембел аудио колекција; Том 6: Западната потрага (1997)
  • Митот и метафората во општеството (со Џамаки Хајватер) (скратена верзија) (2002)

Видео/ДВД од Џозеф Кембел[уреди]

Книги уредени од Џозеф Кембел[уреди]

  • Махендранат Гупта. Евангелието на Шри Рамакришна (1942) (превод од бенгалски на Свами Нихилананда; Џозеф Кембел и Марагарет Вудроу Вилсон, советници на преведувачот - види вовед; предговор на Олдоус Хаксли)
  • Митови и симболи во индиската уметност и цивилизација. Хајнрих Цимер (1946)
  • Кралот и Трупот: приказна за победата на душата над злото. Хајнрих Цимер (1948)
  • Философиите на Индија. Хајнрих Цимер (1951)
  • Џебните арабиски ноќи (1951)
  • Уметноста на индиска Азија. Хајнрих Цимер (1955)
  • Човек и Време: записи од годишниците Еранос. Разни автори (1954-1969)
  • Човек и трансформација: записи од годишниците Еранос. Разни автори (1954-1969)
  • Мистериите: записи од годишниците Еранос. Разни автори (1954-1969)
  • Мистичната визија: записи од годишниците Еранос. Разни автори (1954-1969)
  • Дух и природа: записи од годишниците Еранос. Разни автори (1954-1969)
  • Духовни дејности: записи од годишниците Еранос. Разни автори (1954-1969)
  • Митови, сништа, религија. Разни автори (1970)
  • Џебниот Јунг. Карл Јунг (1971)

Белешки[уреди]

Надворешни врски[уреди]

Wikiquote-logo.svg
Викицитат има збирка цитати поврзани со:

Организации:

Општи:

Интервјуа:

Критички есеи:

Предавање на Џозеф Кембел:

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Џозеф Кембел“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).