Љубе Трпески
| Љубе Трпески | |
|
Гувернер на Народната банка на Македонија
|
|
| Мандат 1997 – 2004 |
|
|
|
|
| Роден | 1947 Велмеј, Охридско, |
|---|---|
| Професија | Економист, професор, државник |
Љубе Трпески е македонски економист, универзитетски професор, поранешен министер во македонската влада и поранешен гувернер на централната банка. Роден е во 1947 г. во охридското село Велмеј. Основно училиште завршил во родното место, а гимназија во Охрид. Дипломирал во 1970 г., на Економскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.[1] Трпески живее во Скопје, оженет е и има две деца.
Содржина |
[уреди] Универзитетска кариера
Веднаш по дипломирањето, Трпески се вработил на Економскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје како асистент по група предмети од областа на финансиите. Магистрирал на Државниот универзитет на Флорида (Florida State University), во Талахаси, САД, како и на Факултетот за политички науки при Универзитетот во Белград, во 1976 г. Откако магистрирал, се стекнал со наставното звање предавач. Докторирал на Економскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, во 1980 г. По докторирањето, бил избран најпрвин за доцент, а потоа и во вонреден и редовен професор. Професорот Трпески држи предавања на додипломските и постдипломските студии по повеќе предмети, како што се: монетарна економија, банкарство, банки и банкарски системи, монетарна анализа, монетарен систем и монетарна политика на ЕУ итн. Исто така, тој бил ментор и член на комисии за одбрана на повеќе докторски дисертации. Исто така, во учебната 1982/1983 г., Трпески престојувал како професор-гостин на Државниот универзитет на Калифорнија (California State University), во Чико, САД, каде што држел предавања по предметите пари и банкарство и меѓународни финансии.
[уреди] Политичка активност
Покрај академската кариера, Трпески извршувал и неколку политички и стручни функции:
- заменик-гувернер на Народна банка на Република Македонија (1987 - 1991)
- член на Републичката комисија за монетарно осамостојување и воведување на македонската валута (1991 - 1992)
- министер и потпретседател на македонската влада (1992 - 1997)
- претседател на Комисијата за хартии од вредност (1992 - 1997)
- гувернер на Народна банка на Република Македонија (мај 1997 - мај 2004)
Извршувајќи ги овие функции, Трпески имал значајна улога во монетарното осамостојување на Македонија, воведувањето на македонската валута, регулацијата на пазарот на хартии од вредност и водењето на монетарната политика. Во својство на министер или гувернер, тој ги предводел или учествувал во преговорите на Македонија со Меѓународниот монетарен фонд и со Светската банка.
[уреди] Судскиот процес против Трпески
Во септември 2004 г., полицијата поднесе кривична пријава против Трпески, обвинувајќи го дека ја злоупотребил службената положба така што, во текот на 2001-2002 г., во својство на гувернер на централната банка, издавал гаранции за кредитите што Експорт-Импорт банка ги земала од странски банки, при што, парите завршиле во повеќе фирми контролирани од бизнисменот Методија Смиленски.[2] Во ноември 2006 г., Трпески беше уапсен и еден месец помина во куќен притвор, по што беше ослободен да се брани од слобода.[3] Во февруари 2008 г., со пресуда на Основниот суд I во Скопје, Трпески беше осуден на 4,5 години затвор.[4] Во декември 2009 г., Трпески беше спроведен на издржување на казната во затворот Идризово, но по еден месец, тој беше ослободен врз основа на укинувањето на пресудата од страна на Врховниот суд.[5]
[уреди] Поважни дела
Трпески објавил голем број трудови и статии од областа на банкарството, финансиите и монетарната политика. Исто така, тој е автор и на неколку книги:
- Влијанието на парите и кредитите врз стопанските движења - теориска и емпириска анализа, Студентски збор, Скопје, 1983.
- Пари и банкарство, Economy Press, Скопје, 1995.
- Пари и банкарство (второ издание), Economy Press, Скопје, 2003.
- Банкарство и банкарско работење, Скенпоинт, 2009.
- Монетарна економија, Скенпоинт, Скопје, 2010.
[уреди] Наводи
- ↑ Љубе Трпески, Банкарство и банкарско работење, Скенпоинт, 2009
- ↑ Вести на А1
- ↑ Вести на А1
- ↑ Утрински весник
- ↑ Вести на Канал 5