Јустинијана Прима
Јустинијана Прима (латински: Justiniana Prima) е доцноантички град, седиште на истоимена архиепископија на територијата на Македонија.[1] Името го добива по својот основач царот Јустинијан I (527–565). Градот бил изграден околу 535 година во родното место на царот – Тавурисион (ден. село Таор, Катлановско). Со царски декрет станал центар на политичко-административната, на црковната и на воено-стратегиската власт во префектурата Илирик. Архиепископијата Јустинијана Прима влегла во средновековните црковни канони како автокефална црковна организација во Македонија.[2] Црковната традиција ја поврзува со Охридската архиепископија, затоа охридските архиепископи од XII до XIV век ја носат титулата „архиепископи на Јустинијана Прима“. Таа традиција се изразувала и во стремежот и барањата на македонските преродбеници за автокефална црква во XIX век.[3] Местоположбата на градот археолошки не е утврдена, но според хипотезата дека градот е во близина на Таврисион (но и според други релевантни аргументи), убикацијата на Јустинијана Прима е на скопската тврдина – Кале.[4][5]
[уреди] Наводи
- ↑ Corpus iuris civilis, Novellae. Rec. Rudolf. Schoell, Berolini MCMXII
- ↑ А. Шукарова, Јустинијана Прима, Скопје, 1994
- ↑ Љубинковић, Традиције Прима Јустинијане у титулатури охридских архиепископа, „Старинар“, XVII, Београд, 1967
- ↑ A. Evans, Antiquarian Researches in Illyricum, IV: Skupi, Skopia and The Birthlace of Justinian, „Archaeologia“,Vol. 49, 1, London, 1885
- ↑ И. Микулчиќ, Старо Скопје со околните тврдини, Скопје, 1982
| Заедничката Ризница има податотеки поврзани со: „Јустинијана Прима“ |