Јотунхајм

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Џинот Скирмир и богот Тор.

Јотунхајм (старонордиски: Jötunheimr = „дом на џиновите“) е еден од деветте светови во нордиската митологија и е дом на џиновите. Реката Инфинг го дели овој свет од Асгард, светот на боговите. Од Јотунхајм, џиновите ги заплашуваат и напаѓаат луѓето во Мидгард (светот на просечното човечко искуство, овој свет) и Асгард. Владетелот на Јотунхајм се нарекува Трим.

Јотуните се жители на Јотунхајм. Тие се суштества со надчовечка сила и големина. Етимолошки, „јотун“ значи месојадец, а во преносно значење разорната сила на природата.

Во првобитниот хаос, наречен Гинунгагап, првото живо суштество што било формирано, бил џинот Имир. Додека спиел, од неговото тело израснале два џина, машко и женско, кои подоцна станале родители на чудовишен џин со шест глави. Од овие три џина потекнува расата на ледените џинови, кои го населиле светот Нифлхајм.

Јотуните се опишани како изобличени суштества, често со многу глави (Тривалди со девет), и нечовечки изглед. Потомците на богот Локи, змијата Јормунганд и волкот Фенрир, се Јотуни. Некои од џиновите биле и мудри, па самиот бог Один ги барал (како Мимир и Вавдруднир) за од нив да ја дознае исконската мудрост и знаењето.

Некои од боговите за жени имале џинови. Таткото на Фреј и Фреја, Нјордр, за жена ја имал Скади, Фреј се оженил со Гердр, самиот Один за жена ја имал Гунлод, дури и Тор имал потомок со Јарнсакса, наречен Магни. Нивните потомци биле сметани за “мали богови“ (полу-богови). Овие пак, се сметале себе си за богови, а не за џинови, и живееле во домови слични на оние на боговите.

Сурт (Црниот џин) на судниот ден Рагнарок, заедно со силите на Хел (место каде се концентрирани силите на злото - оние кои сакаат да ги уништат световите на луѓето и боговите), ќе ги нападнат боговите и ќе ги убијат сите, освен неколкумина.

Моди и Магни
ќе го имаат Мјолнирот,
кога Тор ќе загине
во битка.

—Гримнисмал, Еда 51.