Јан Неруда

Од Википедија — слободната енциклопедија

Јан Неруда (чешки: Jan Neruda) (9 јули 1834 - 22 август 1891), чешки писател и публицист, најистакната личност во чешкиот културен живот во втората половина на 19 век.

Јан Неруда

Животопис[уреди | уреди извор]

Неруда потекнувал од сиромашно семејство, тој бил син на пензиониран војник и на слугинка, кои живееле во Мала страна, кварт на Прага. Уште во детството, учејќи заедно со децата на богатите трговци, ја спознал социјалната нееднаквост. Во германската гимназија во која учел го исмејувале чешкиот јазик, што кај него само ја разгорило љубовта кон својот народ и кон мајчиниот јазик. Во 1860-тите, Неруда работел како новинар, бранејќи ја генерацијата нови писатели (наречени „маевци“ според списанието „Мај“) кои го вовеле реализмот во чешката книжевност. Во тогашните политички борби застанал на страната на „младочесите“ - радикална демократска партија која се залагала за рамноправност на чешкиот јазик и будење на чешката култура. Како новинар, Неруда имал прилика често да патува низ Европа.[1]

Гробот на Неруда во Прага.

Творештво[уреди | уреди извор]

Споменикот на Неруда во Прага.

Првите книжевни чекори Неруда ги направил во 1857 година, кога ја објавил поетската збирка „Гробни цвеќиња“ во која е искажана неговата тага и протест против сиромаштијата и неправдата. Десет години подоцна излегла втората поетска збирка „Книга со стихови“, а потоа следувале и збирките „Балади и романси“ (1883) и „Прости мотиви“ (1888), во кои пее за љубовта кон својот народ, кон родителите и кон девојката, но исто така и за социјалната неправда и недостатоците на капитализмот. Сепак, најголем впечаток оставила неговата збирка „Песни на Велики петок“, објавена посмртно во 1896 година, во која повикал на борба, со зборовите „сè уште има доволно железо во земјата за добри мечеви, и во крвта има железо“, како и „напред, народе наш мил, секогаш напред!“. Впечатоците од бројните патувања ги објавил во книгите „Арабески“ (1864), „Разни луѓе“ (1871) и „Работниците на железничката пруга“ (1872). Сепак, најголема слава стакнал со неговото најдобро дело, збирката „Малострански раскази“ (Povídky malostranske) од 1878 година, која се смета за бисер на чешката книжевност и врз на чешкиот реализам.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Nada Đorđević, „Jan Neruda“, во: Jan Neruda, Malostranske pripovetke. Beograd: Rad, 1964, стр. 115-120.