Ѓорѓи Зографски

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Ѓорѓи Зографски
Роден 1871
Папрадиште, Османлиска Империја (денес Македонија)
Починал 1945
Велес
Дела Женски портрет, 1894

Ѓорѓи Зографски (1871-1945) — македонски зограф и сликар. Тој е директен потомок на познатата зографска, резбарска и градителска фамилија на Дамјан Јанкулов (1770 - 1830) од Тресонче.[1]

Биографија[уреди]

Роден е во село Папрадиште, Велешко. Основно образование завршил во родното место, учејќи азбука и читање од стари старословенски книги од кои поголемиот дел биле од црковен карактер. Од најраното детство Зографски почнал да го придружува својот татко на неговите печалбарски патувања со цел да го учи зографскиот занает. Во 1884 година кога имал 13 години, неговото семејство се преселува во Велес.

Ѓорѓи Зографски со семејството: сопругата Роса Зографска, синот Јордан, Јелена Зографска и Јован Зографски и најмладиот син Данчо Зографски (снимено во Велес во 1928 година)
Женски портрет, 1894

Во 1887 година, рускиот конзул во Призрен, Иван Јастребов, кој имал можност да ги види неговите сликарски работи, изјавил желба да го прати на школување во Русија. Но, настојувањата на 16 - годишниот Зографски да „учи и да ја види Русија” не биле во согласност со патријархалните разбирања на неговите родители. Благодарение на поддршката од неговиот роднина Диме Андреев, кој во тоа време ја градел црквата „Свети Ѓорѓи” во Призрен, тој успеал да ги убеди своите родители и истата година, на своја иницијатива, заминал во Солун. Во рускиот конзулат ги завршил формалностите околу добивање документи за својот десетмесечен престој во Москва и Петроград. За школувањето и работа во Русија, не се оставени никакви податоци. По Русија заминал во Бугарија, каде останал до 1888 година. Потоа, се вратил во Македонија и се приклучил на тајфата на татко си Јаков. Со кого работел во Македонија, Бугарија и Србија, сè до нееговата смрт во 1907 година. Во Софија Јаков Зографски имал свое ателје во кое, по враќањето од Русија, се приклучил и Ѓорѓи, каде покрај икони сликал и ѕидни (фреско) декорации по куќите на богатите семејства и портрети на познати Македонци кои што живееле и работеле во Софија.

Во 1894 година Зографски се оженил со Сава Мицајкова со која им се родил синот Тодор. По четири години брак Сава умрела, а Зографски заедно со татко му Јаков, заминал во Србија. Во 1903 година Зографски повторно се оженил, со Роса Вецинова од Велес, со која имал три машки деца, Јован, Јордан и Данчо. . Во овој период сликал икони за црквите „Св. Никола” во с. Рудник, „Вознесение Христово” во с. Еловец и манастирот „Св. Вмч. Димитрија” во Велес. По смртта на неговиот татко Јаков во 1907, Зографски заминал во Ниш, каде отворил свое ателје. Таму ги сликал иконите за црквите „Архангел Михаил” во село Балаинац, „Св. Јован” во Орлање, „Св. Прокопиј” во с. Шумане, Лесковачко, „Св. Илија” во с. Печењевац, „Собор на светите апостоли” во с. Турековац и др. Во овој период Зографски сликал и портрети на познати свештени и политички личности во Србија. За време на Првата балканска војна живеел и работел во Велес каде отворил работилница за подготовка на дрвени подлоги за икони, сликање икони и фотографско студио. Сликал икони за повеќе цркви во градот и велешките села, како и во Штип и Кратово, а поради големиот авторитет што го уживал во градот, бил избран за кмет на Велес. „Периодот од 1927 до 1929 година се смета за еден од поплодните негови периоди. Покрај икони и живопис, насликал и доста портрети на познати личности, трговци, занаетчии и на негови пријатели од Велес.

Вистински настан во 1884/ во с.Папрадиште, 1907

Зографски стекнал голем авторитет како сликар, кој покрај црковното, почнал да го негува и профаното сликарство. Спонтано ги прифатил новите ликовни струења во уметноста, го збогатил својот ликовен репертоар со нови ликовни идеи и содржини, со теми инспирирани од секојдневниот живот и непосредната околина. Неговиот авторитет и слава достигнуваат врв во 1932 година, кога во дневниот печат биле објавени повеќе текстови за неговиот живот и творештво. Во 1932 година повторно заминал во Србија и сликал икони и живопис во Ужичка Пожега и Белград. Од 1935 година па сè до крајот на својот живот тој постојано живеел во Велес, главно сликајќи икони за селските цркви во околината на Велес. Умрел од настинка, во декември 1945 година, на 74-годишна возраст.

Во историјата на ликовната уметност Ѓорѓи Јаковов Зографски е вброен во редот на Димитар Андонов Папрадишки, Коста Вангелов, Гаврил Атанасов Беровец, но, како што вели Владимир Величковски и меѓу авторите од Струмица, Штип, Битола и други градови, кои работеле во „руски стил со „живи модели“. Неговите дела освен во црквите и манастирите во Македонија и Србија, се наоѓаат и во приватни музејски збирки во Бугарија.

Наводи[уреди]

  1. Umetničkoto bogatstvo na Makedonija, Kosta Bojadžievski, Slavko Janevski; Makedonska kniga, 1984