Роми во Македонија — малцинска етничка група во Македонија. Според пописот од 2002 година, во Македонија живеат околу 53.879 Роми или 2,66% од вкупното население.[1]Општина Шуто Оризари е единствената општина во светот каде мнозинството се Роми[1], а воедно и единствена општина во светот каде ромскиот (балканскоромскиот) е службен јазик, покрај македонскиот.
Исто така со Уставот од 2001 г. Ромите во Република Македонија се признати како народ единствено во светот.
Интересен е податокот дека Ромите се претежно населени во градовите, така што дури 95% од македонските Роми живеат во градските средини.
По религија огромното мнозинство од Ромите се муслимани, но постои и мал број на Роми со христијанска вероисповед (познати под името Масарманги, Масрманговци) кои живеат во неколку градови од источна и југоисточна Македонија.
Првите доселувања на Роми на територијата на Македонија се забележуваат во средниот век, односно околу XIV век. Нивното главно доселување е за времето на турските освојувања на Македонија кон крајот на XIV и почетокот на XV век, кога тие работеле како слуги на турските генерали и големци. Постои теорија и дека Ромите се доселени во Македонија уште од времето на Александар Македонски бидејќи тие работеле како негови ковачи при неговото освојување на Египет. Оваа теорија ја застапуваат дел од Ромите кои себеси се нарекуваат Египќани (Еѓупци) и се сметаат за посебна етничка група од Ромите, кои се со потекло од индиската област Пенџаб од народот Дравиди.